Кандидатот за претседател на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Бутел.
Таа потенцираше дека со нејзината победа ќе им покаже како се водат евроатлански процеси и интеграции, додавајќи дека СДСМ и Заев го користат ЕУ и НАТО како алиби за својата егзистенција, додека тие живеат со висок стандард, граѓаните живеат се полошо.
Ние ќе им покажеме како се водат евроатланска процеси и интеграции. Како не се изморија од повторување евроатлански интеграции, ЕУ и НАТО, но тоа се само зборови за нив, реторика, зад овие зборови нема никаква содржина, никаква суштина и тоа наскоро ќе го чујат.
Срамота е цели за кои велат дека се највисоки како ЕУ и НАТО да ги употребуваат како алиби за својата егзистенција, а таа егзистенција е различна од вашата егзистенција од егзистенцијата на народот, зошто да тие живеат како во Брисел ако го споредуваме нивниот стандард ама народот живее како оние во Африка, тоа ние ќе го смениме, вели Силјановска Давкова.
Според нејзе владеењето на правото е најважно за функционирање на државата, споменувајќи дека во моментот во Македонија нема право и правда туку владеење на една олигархиска група која не прави ништо добро за граѓаните.
Она што е неопходна за ЕУ е владеењето на право, кое го нема. Ние овде имаме владеење на една мала олигархиска група на луѓе која постојано се повикува на фантастичниот успех наречен Преспански договор, ама во меѓувреме фантастично краде и го осиромашува овој народ.
Нема владеење на право, каде што нема поделба на власта, а во Македонија нема поделена власт.
Сета власт е на едно место на Илинденска и внатре во Илинденска сета власт е олицетворена во една личност во премиерот, тој е надлежен за се од комуналните работи, па се до судските реформи, затоа нема децентрализацијаво Република Македонија, затоа нема рамномерен регионален развој во Република Македонија, затоа нема независно судство, кажа Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова истакна дека во моментот политика која ја водат СДСМ и Заев е лоша, алудирајќи на сите лоши законски решенија кои ги донесе парламентарното мнозинство на СДСМ и Заев.
Според нејзе политиката на СДСМ е нелегална а со самото тоа и нелегитимна.
Она што се случуваше од настаните од 27 ми или ако сакате она што се случуваше од чинот на нелегалниот и чуден избор на претседателот на Собранието до денеска се е студија на случај во компаративното уставно право и политички систем. Од чудниот закон за амнестија, преку измените на Кривичниот законик, до одлуката за референдум, до постапувањето на неуспешниот референдум, се е надвор од границите на правото.
Тоа е политика која не е врамена во правото. Таквата политика не само што не е легална, туку е нелегитимна. Затоа ние постојано зборуваме за право и правда во Македонија.
Зошто правото и правдата ни се врежани во кодот уште во химната, затоа можеби им пречи химната, бидејќи ги потсетува на неправдите кои што ги прават, а и ги потсетува и на името што го наследиле и што наместо да им го остават на наследните забораваат и да го споменат, објасни Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова заврши дека ќе ги смени работите и дека е најважно за претседател да биде стамен да не го менува ставот и да не предизвикува конфузија, потенцирајќи дека таа секогаш ги нижела ставовите еден на друг и никогаш не се негирала самата себе си прашувајќи каков е тој претседател кој ги менува ставовите.