Сиљановска-Давкова од Мечкин Камен: Македонската држава не е стебло без корен, таа е вкоренета во демократските и хумани визии на Гоце Делчев и неговите соборци

Од:

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.

Таа ја истакна вековната македонска борба за самостојна и суверена држава чии темелни вредности и принципи се запишани во Крушевскиот Манифест како Magna Carta Libertatum.

За неа, легалноста и легитимноста на самостојната и независна Република Македонија од 1991 година, како израз на правото на самоопределување, е неспорна.

Претседателката ја реафирмираше решеноста до 2030 година да стигнеме до целта, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Сиљановска Давкова:

Почитувани граѓани,

Почитувани потомци на илинденците коишто своите животи ги положија за слободата и татковината,

Почитувани екселенции,

На овој празник над празниците се потсетуваме на вековната македонска борба за самостојна и суверена држава. Нејзините темелни вредности и принципи, со крв се запишани во возвишената Magna Carta Libertatum ̶ Крушевскиот манифест: слобода или смрт, правда, еднаквост и соживот.

Тука, на Мечкин Камен, за нив се жртвувале Питу Гули и неговите соборци, задолжувајќи ги сите следни македонски генерации на вечна благодарност, овековечена во химната пред којашто со почит стоиме и денес!

Веројатно, нема човек кој не се запрашал: Како безвременските републикански идеали се нашле во нашиот манифест? Каде се корените на Илинденското востание и на нашата Крушевска Република?

Ќе потсетам . Во 1834-тата година, италијанскиот револуционер Џузепе Мацини на група млади, прогресивни интелектуалци им ја претстави визијата за Европа на народите, наместо на династиите. Преку тајното здружение „Млада Европа“ имале намера да ги мобилизираат реформските европски сили со една основна цел: да ги срушат старите режими на реакционерните царства и монархии и да изградат нов, поправеден европски поредок на слободни, демократски републики на рамноправни граѓани, наместо на поданици, со гарантирани човекови права и слободи, наместо со наследни привилегии. „Млада Европа“ посакувала да всади верба во правото на самоопределување и да им помогне на потчинетите европски народи од Балтикот до Балканот да се ослободат од трулите системи и да зачекорат во републиканско државно управување.

Со Мацини, како предвесник и двигател, започнала пролетта на европските народи. Како голем непријател на агресивниот асимилаторски национализам, тој бил поборник на републиканскиот интегративен патриотизам. Нацијата ја разбирал како демократска заедница на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро. За него, основната функција на државата не е да го штити привилегираниот статус на малкумина, туку рамноправноста на сите, независно од припадноста.

Мацини не е познат само како промотор и бранител на новата епоха на демократски држави – нации, туку и како пламен иницијатор и заговорник на создавањето Соединети Европски Држави со принципиелна надворешна политика, чијшто основен белег е мирното решавање на споровите.

Денес, неговите идеи се општоприфатени, но во неговото време, биле сметани за опасни и еретички. Иако затворан и прогонуван, Мацини постојано ги потсетувал народите:„Вие сте вистинските господари на вашата земја. Вие сте единствените толкувачи на вашиот начин на живот“. Старите режими попусто се обидувале да ги заведат или заплашат масите, заради заштита на своите позиции. Времето на старите режими заминувало.

Кон незапирливиот марш на европските народи кон слобода се приклучиле и македонските револуционери, предводени од човекот чиешто име и дело се вечна и неисцрпна македонска инспирација – Гоце Делчев.

Иако се родил само два месеца пред смртта на Мацини, Делчев израснал во човек – горостас, еден од најдоследните продолжувачи на неговите идеи. Како учител во штипско Ново Село, Гоце со страст им зборувал на своите ученици и сонародници за делото на Мацини, за неговата краткотрајна Римска Република од револуционерната 1848 и за идната Париска комуна од 1871. Толку бил понесен од идеалите на „Млада Европа“ што своите италијански пријатели, преку кои ги вооружувал македонските востаници, ги поздравувал со извикот: „Viva Garibaldi, viva Mazzini!“

И Делчев и Мацини непоколебливо верувале дека народот може да се ослободи само со сопствени сили, преку свое, внатрешно востание, без надворешни мешања. Делчев не посакувал и не верувал во востание со луѓе, кои ќе го напуштат при првиот неуспех, туку во револуција од граѓани, кадарни да се справат со сите предизвици и искушенија на една тешка и долготрајна борба, каква што очекувал.

Како што Мацини ја крстосувал Европа, ширејќи ја идејата за демократски републики, така и Делчев ја крстосувал својата татковина ширум и попреку, подготвувајќи го народот за востание и за македонска република.

И, конечно, како што Мацини сонувал за Европска федерација на републиките, така и македонските дејци: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Анастас Коцарев и Димитрија Чуповски, се залагале за Балканска федерација на републиките.

Токму затоа, Михаил Герџиков, еден од најблиските Гоцеви соработници, посведочил дека „за македонското револуционерно дело, Гоце Делчев беше тоа што Левски беше за бугарскиот, а Мацини за италијанскиот народ“. Делчев, како трибун на народот и за народот, успеал да ја рашири меѓу народот моќната автентична идеја за слободна македонска република.

Во мај 1903-тата година, непосредно по Гоцевата смрт, Никола Карев дал интервју за грчкиот весник „Акрополис“. Прашан што всушност сакаат македонските револуционери, отсечно одговорил: „сакаме Република“.

Драги сограѓани,

Зошто е важно да се потсетиме на оваа длабока поврзаност меѓу македонскиот и европскиот републиканизам? Затоа што Илинденското востание и Крушевската Република не се изолирани, балкански, локални феномени, туку доцни фиданки на европската пролет на народите од 19 век. Последното народно востание што било подготвувано во 19 век, Илинденското, ја даде и ја воспостави првата демократска република на 20 век – Крушевската! Таа, Крушевската Република е помладата сестра на Мациниевата Римска Република и на Париската комуна. Со нив дели исти идеали, исти ставови за уредувањето и управувањето, но и иста судбина.

Крушевската република била демократска, инклузивна кон различните, но и краткотрајна државна творба. Сепак, не смее да се превиди дека таа е вистинскиот предвесник на македонската нова република: Асномска Македонија!

Да ве потсетам: не случајно, на ден Илинден 1944-тата, Панко Брашнаров го отворил првото, државотворно заседание на АСНОМ сеќавајќи се на „оазисот на слободна Македонија – Крушовската Република“. Не случајно, Манифестот на АСНОМ се повикува на континуитетот со илинденската епопеја и Крушевската Република. Не случајно, републиканските и демократски идеали на Крушевскиот манифест се вградени во асномските документи, а преку нив и во темелите на народната македонска држава никната во Народноослободителната борба!

Македонските револуционери, прогресивната емиграција, МАНАПО, Шпанските борци и учесниците во народноослободителната и антифашистичката војна се чеда на „Млада Европа“, демократска Европа!

Затоа, за нас, повеќе отколку за многу други народи, Републиката е синоним за слобода, за право, за правда и за рамноправност!

Почитувани сограѓани и гости,

Републиката постои заради општото добро, заради сите граѓани, без оглед на каква било припадност, за да ни овозможи да напредуваме врз знаење, способност и труд, а не врз основа на статусни привилегии и врски.

Самостојната и независна Република Македонија во 1991-та година никна легално и легитимно, во согласност со правото на самоопределување на секој народ, загарантирано во Уставот на СФРЈ за шесте конститутивни народи и нивните републики, како рамноправни членки на Федерацијата, во која македонскиот јазик беше еден од трите службени јазици, како и врз резултатите од референдумот од 8 септември 1991 година, според кои, гласале 1.132.981 избирачи, односно 75,74 % од електоратот, „за“ се изјасниле 1.079 308 или 72, 74%, највисокиот резултат во која било држава од бивша Југославија од запишаните во Избирачкиот список, односно 95,26 % од излезените.

Неслучајно, во членот 1 од Уставот, Република Македонија беше промовирана како суверена, самостојна, демократска, социјална држава: Како нејзини основни цели беа утврдени: владеењето на правото како темелен систем на власта, остварувањето на човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност, мирот и сожителството. Ве потсетуваат ли на нешто овие принципи? На Крушевскиот манифест.

Длабинскиот поглед на државата, разоткрива во изминатите години и децении: ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија, како закана за парламентарната демократија, партизирана и политизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина, ги нарушија меѓуетничките и меѓучовечките односи, продуцираа катастрофи и трагедии, стимулираа неединство околу прашањата од национален интерес, за кои единството мора да биде императив!

Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас.

Горенаведеново говори дека не смееме да ги заборавивме праведните идеали на оние на кои денес им се поклонуваме и ги славиме. Затоа ве потсетувам на нив.

Почитувани,

Време е за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени. Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната…

Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда.

Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот.

Ако се повикуваме на Крушевскиот манифест, мора да бидеме верни на неговата основна идеја дека соживотот меѓу различните се гради само во присуство на правда и на слобода. Затоа, мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот. Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност.

Мора да бидеме инклузивни кон различните, солидарни кон ранливите и пресретливи кон најдобрите. Потребен ни е здравствен систем по мерка на здравјето на пациентите и на нацијата, ако сакаме да биде здрава. За креативните умови, потребни се инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.

Деновиве, републиката ни е во пламен. За помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето.

Имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.

За таа цел, ние се стремиме кон членство во Европската Унија зашто и таа за мене е идејно чедо на „Младата Европа“.

Легитимно прашање е дали и колку денешнава Европска Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата или сенките на старата, одмината Европа како да не се секогаш далечно минато или како да осамнуваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и на демократскиот дефицит. Напротив, ги препознаваме и нив.

Да му се вратам на Илинден. Илинденската генерација се соочила со две европи: со старата Европа на големите сили кои рамнодушно калкулирале како да го поделат балканското јаболко на раздорот, но и со младата Европа на либералната и демократска јавност, на државници како: Вилијам Гледстон и неговото славно писмо од 1897 година до Грција, Србија и Бугарија за решавање на македонското прашање, или на Едвард Бојл, претседателот на Балканскиот комитет, или на Анатол Франс, Роџер Кејсмент и Херман Вендел, Виктор Берар и Бернард Шо, Џемс Брајс којшто изрази пријателство со Македонците за време на Илинденското востание, чувениот професор по уставно право. На Ноел Бакстон и неговите книги за македонскиот народ, на сите кои организирале промакедонски собири, пишувале апели и петиции до своите влади барајќи слобода и правда за македонскиот народ.

И за време на Втората светска војна, антифашистичката генерација се соочила со две европи: со окупаторската и со антифашистичката и партизанската, која се избори за нов поредок, чиј плод во 1945 беше и Организацијата на Обединетите нации, која годинава, маргинализирана и соочена со војни ја слави осумдесетгодишнината, иако настана како мировен и антиколонијален проект и доби Нобелова награда за мир, се случува војна.

И денес, забележувам остатоци од старата Европа: уморна од проширувањето, понекогаш, којашто од нас бара „храбри отстапки“, без да има храброст да им се спротивстави на двојните стандарди; Европа којашто понекогаш дозволува и на некои членки им дозволува билатерализација на нашата интеграција и толерира блокади поради идентитетски и историски прашања; Европа којашто понекогаш ги менува правилата на игра по барање на членка или среде игра; Европа којашто понекогаш го толерира заобиколувањето на основните вредности и принципи вградени во фундаменталните документи: Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права. Иако конститутивните акти ја обврзуваат Унијата да ја почитува европската „богата културна и јазична разновидност“, „националниот и културниот идентитет“, „дигнитетот и интегритетот“ оти гордо се дефинира себеси како „единство на различности“, таа понекогаш замижува и замолчува пред нивното кршење во интерес на единството и мирот во европската куќа!

Драги сограѓани,

Чудно е, во името на слободата на мислата и нејзиното изразување, да слушате европски пратенички оспорувања на македонскиот идентитет, 100 години по печатењето на АБЕЦЕДАР-от за децата Македонци во Атина во 1925, под притисок на Лигата на народите! Прочитајте го АБЕЦЕДАР-от. Зошто не се слави 100 годишнината од донесувањето на АБЕЦЕДАР-от? Прашувам. Драги сограѓани, неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, кој за мене е, така ги учам и студентите, школа на европската демократија, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет. Не е 100 години, претходно, многу модерно.

Ние не се срамиме од фактот дека со сопствени сили, по вековна борба, се изборивме за државност во 1944-тата и дека мирно се раздруживме од СФРЈ и стекнавме независност во 1991-та. Напротив. Во нашата историја нема црни дамки, не сме вршеле репресалии, асимилации и депортации. Како мал, храбар и миротворен народ, секогаш сме биле на праведната страна на историјата, на страната на слободата, на страната на антифашизмот, на страната на антиколонијализмот.

Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „Млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „Млада Европа“ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!

Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.

Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.

Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!

Драги сограѓани,

Во 1943-тата година, на 40-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република, од партизанската печатница „Гоце Делчев“ излезе збирката „Македонски народноослободителни песни“, уредени од Кочо Рацин. Меѓу нив, има една што најдобро ја одразува суштината на денешнава порака. Еве како завршува песната со која се бодреле македонските партизани:

„И туѓо царство не ќе постои

Во наш’та мила татковина

И Република ќе постројиме

И слобода ќе добијеме.“

За многу години нека ни е Илинден на сите, без оглед на припадноста!

Да ни е вековита македонската република, зачната овде во Крушевската!

Да ни е вечна слободата!

Да се избориме за европскиот пат и за европскиот дом!

Би можело да ве интересира

Таравари бара да се објават сите корисници на унгарскиот кредит

Починал затвореник на комплексот клиники „Мајка Тереза“

Дебранец со четирицикл удрил во паркиран трактор, се здобил со тешки телесни повреди

Одбележување на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката

Предраг Петровиќ

Мицкоски: Илинден нека обединува и потсетува каква држава треба да оставиме на генерациите по нас

Запленет кокаин во Гевгелија, лишен од слобода дилер, одреден му е притвор