Сиљановска-Давкова ја доби наградата „Глобален државник“ на прославата 20. години од основањето на ОМД во Детроит

Од:

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената гала вечер којашто по повод 20. годишнината од основањето на Обединетата македонска дијаспора и доделувањето на наградите „40 под 40“ се одржа во Детроит, Мичиген.

Во рамки на свеченоста, што се одржа под мотото „Наследство на единството: 20 години Обединета Македонска дијаспора“, ОМД ѝ ја додели на претседателката Сиљановска-Давкова наградата „Глобален државник“.

Сиљановска-Давкова ѝ ја врачи наградата „Ќерка на Македонија“ на Мариен Илич, признание што го доделува ОМД.

Специјални признанија им беа доделени на Џери Наумоф – наградата „Македонско наследство во јавната служба“, како и на организацијата „Светска медицинска помош“ – наградата „Пријател на Македонија“.

Четириесет млади припадници на македонската дијаспора ширум светот, успешни и влијателни во своите професии и заедници се стекнаа со наградата „40 под 40“.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката:

Драги наши иселеници,

Им благодарам на нашите домаќини, на Обединетата македонска дијаспора, коишто ја организираа оваа гала-вечера. Нема поубав начин да се заокружи посетата на Соединетите Американски Држави од средба со македонскиот дел од Америка.

Вечерава се одржува во многу симболичен момент.

Во септември 1925-та година, пред точно 100 години, под притисок на Лигата на народите, во Атина бил отпечатен АБЕЦЕДАРОТ наменет за децата – Македонци. Букварот што бил „напечатен на латиница и составен на македонското наречје“ никогаш не стигнал до децата бидејќи речиси сите примероци биле уништени. Но, прелистувајќи ги неколкуте зачувани примероци гледаме дека меѓу лекциите наменети за описменување на мајчин македонски јазик, на 33-тата страница има една реченица што се однесува на сите нас собрани на оваа гала-вечера, но и на целата иселеничка Македонија. Таа реченица гласи: „Моите браќа сет во чуждина“. „Моите браќа сет во чуждина“.

Изминативе стотина години, туѓината како да стана македонска судбина. Причините за иселувањето се различни. Некои од вашите предци ја напуштиле Македонија бегајќи од прогонствата и асимилаторските политики на балканските држави на почетокот на 20-от век. Други, пак, ја напуштија поради сиромаштијата. Трети, особено од поновите генерации, си заминуваат заради предолгата демократска транзиција и консолидација и незавршената битка за владеење на правото.

Но, овие три групи што ја чинат македонската дијаспора имаат нешто заедничко. Конечниот мотив на секој иселеник, независно дали бега од прогонство, од сиромаштија или од неизвесна иднина е да оствари едно важно човеково право, а тоа е правото на потрага по среќа.

Потрагата по среќа, прокламирана со американската декларација за независност од 1776-тата година, не е холивудско клише, туку насушна потреба на човекот осмислено да придонесува за доброто на заедницата во која и самиот припаѓа. Државата постои за да им овозможи на граѓаните да ја достигнат среќата, да создаваат вредности, да напредуваат врз основа на знаењето, квалитетот и способностите.

Трагајќи по среќата, некои од вас или од вашите родители, баби и дедовци, се населиле во Соединетите Американски Држави и Канада, други, низ поразвиените европски држави, а трети, на јужната хемисфера, во Австралија и Нов Зеланд. Каде и да сте, вие, иселениците, со многу труд, посветеност и жртва, создавате вредности и стекнувате почит во новите средини. Ве има во речиси секој сегмент на општествата – како успешни бизнисмени и менаџери, врвни научници и лекари, реномирани уметници и наградувани спортисти, реномирани публицисти и професори. Некои од вас изградија препознатливи брендови и станаа почитувани филантропи. Гледајќи ги примерите на Мајк и Мариен Илич, Џон Битов, Мајк Зафировски, Џери Наумоф, Митре Китаноски, Ѓоргија Атанасоски, Светлана Мојсова, Ратка Дамјановиќ, Методија Колоски, Елизабет Наумовски, Крис Павловски, да спомнам само дел од македонското иселеничко соѕвездие, некој би рекол дека успешните иселеници веќе ја достигнале среќата. Македонската држава и македонскиот народ со право се гордеат со сите вас.

Но, треба да си поставиме едно важно прашање: Дали има вистинска среќа без идентитет, без чувство за припадност? Дали можеме да бидеме цели ако дел од нас останал во првата татковина?

Ова не важи само за етничките Македонци, туку и за секој припадник на македонската дијаспора којшто ја чувствува Македонија како своја прва татковина. Сте се запрашале ли зошто сонот на многумина иселеници, независно од етничката или верска припадност, е да се вратат во својот роден крај за да вложат во него? Каква е таа сила што нè влече кон корените?

Современата психологија тврди дека идентитетот и припадноста се нерзадвојни од човековата благосостојба. Истражувањата покажуваат дека губењето на мајчиниот јазик не е само културна загуба, туку може да биде и лична траума, подривајќи ја самодовербата и ослабувајќи ја самоидентификацијата. Јазикот гради силно чувство на припадност. На мајчиниот јазик најприродно ја изразуваме нашата суштина.

Големиот македонски драматург, кој и самиот стана дел од дијаспората, Горан Стефановски, нè потсети дека „луѓето, за да преживеат, имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни – за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет. Идентитетот е приказна за тоа кои сме, зошто сме и што сакаме. За да можеме да преживееме во суровиот свет, оваа приказна мора да е точна, заснована на познавање на теренот, на длабок увид, на прецизен тлоцрт. Погрешната приказна може скапо да нè чини…“.

А македонската приказна е навезена од семејни приказни, не само дома, туку и во дијаспората. Секој живот е сага за успеси и разочарувања, но и за нови продори, нови видици, нови надежи. Но, вашата приказна е и наша приказна, а нашата е и ваша и ќе трае сè додека се раскажува.

Верувам дека вечерва меѓу нас нема човек од дијаспората кого не го мачело прашањето: Дали моите деца или моите внуци ќе го сочуваат македонскиот идентитет? Дали ќе го научат македонскиот јазик? Дали ќе ја запознаат македонската традиција? Дали ќе ги трогне уникатниот македонски музички 7/8 такт? Дали ќе се самоидентификуваат како американски, канадски, европски, австралиски граѓани, но со македонско потекло, со македонски идентитет, или, пак, ќе се претопат во културите во кои ќе се родат и израснат? Дали мојата семејна приказна којашто е дел од заедничката македонска приказна ќе заврши со моите деца или со моите внуци?

Почитувани присутни,

Ова се тешки, но важни прашања. Знам дека вие правевте и правите многу за да го зачувате македонскиот идентитет. Со вашата помош, македонскиот мелос одекнува низ најпрестижните концертни сали на новиот свет. Многу Американци и Канаѓани токму со вас го стекнуваат првиот впечаток за македонската култура. Тоа е целта на успешните програми како што се „Birthright Macedonia“ или часовите по македонски јазик. Вие вложувате во македонските црковно-народни одбори, одржувајќи ја врската со Македонската православна црква – Охридска архиепископија. И со вашето присуство вечерва вие покажувате решителност да го зачувате вашиот дел од македонската приказна.

Сите овие напори упатуваат на следниот заклучок: за дијаспората, потрагата по среќа не завршува во туѓина туку продолжува кон Македонија. Таа е вашето родно огниште, пределот во кој живееле вашите предци, вистинскиот извор на вашиот идентитет. Вашата среќа во голема мера зависи од среќата на татковината.

Но, тука има еден проблем. Од независноста наваму, успехот на македонската држава се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани. Токму ова право е загрозено од корупцијата што, изминативе децении го наруши владеењето на правото и го поткопа општото добро. Но, и од долгогодишните неправедни блокади на нашите европски интеграции коишто ја исцрпуваа државата и сè уште ги фрустрираат македонските граѓани, повредувајќи го нивното, вашето, нашето достоинство.

Затоа, сè повеќе наши млади веруваат дека потрагата по среќа ги води надвор од нашата татковина. За некои од нив, татковината станува само место за привремен престој, хотел, наместо дом во кој би основале семејство. Иселувањето на младите стана најголемата закана за иднината на Македонија.

За да го спречиме егзодусот, пред да биде предоцна, потребна ни е помош од дијаспората.

Свесна сум дека во минатото се носеле одлуки коишто се одразувале и на македонската дијаспора без таа да биде консултирана. Се правеле компромиси на сметка на симболите и атрибутите на македонската држава и на македонскиот идентитет. Ова е особено тешко, имајќи предвид дека иселеничка Македонија е побројна од домицилна Македонија. Да се занемари македонската дијаспора значи да се игнорира повеќе од половина од народот.

Таквиот однос доведе до отуѓување меѓу матицата и дијаспората и тоа на штета на државните и национални интереси. Но, од двете страни отсекогаш имало луѓе со добра волја, долго трпение и големо разбирање коишто ја одржуваа врската меѓу татковината и дијаспората.

На пример, семејството Илич помогна во 2011 година да биде формирана Конгресната група за Македонија и за македонските Американци. Слични парламентарни групи се формирани во многу земји во кои живеат Македонци.

Обединетата македонска дијаспора изгради мрежа на пријатели и поддржувачи на Македонија меѓу носителите на одлуки. Со ваша помош се носеа многу декларации и резолуции во одбрана на македонските интереси. Но, ги поддржува и младите преку програмите како што се „40 под 40“ и „Генерација М“.

Тимот „Македонија 2025“ ги зацврстува врските помеѓу успешните иселеници и татковината преку инвестициони форуми, самити и учество во развојни стратегии. Ќе ги спомнам и филантропите кои ја поддржуваат татковината со инвестиции во училишта, болници и други институции, обезбедуваат стипендии и ги вмрежуваат најуспешните во влијателна заедница.

Дијаспората е дел од Македонија како што Македонија е дел од дијаспората. Мојата посветеност кон дијаспората е повеќе од изборна реторика. Нашата Влада подготвува петгодишна Национална стратегија за дијаспората, при што мојот Кабинет активно учествува преку свои претставници. Оваа стратегија треба да ѝ овозможи на дијаспората многу поактивно да се вклучи во јавната расправа и во зајакнувањето на државата. Дополнително, како што ветив во мојата изборна програма, планирам формирање на Совет за дијаспора при Кабинетот на претседателот.

За мене, вие, припадниците на дијаспората, сте доброволни амбасадори на нашата држава, коишто живеат надвор од нејзините граници и ги претставуваат нашите вредности. Вие сте нашите најблиски, иако сте зад други граници. Поради тоа, државата ќе продолжи да вложува напори да ги зацврсти вашите врски со Македонија. Политиките кон дијаспората мора да бидат непартиски и приоритетни, без разлика кој е на власт.

Нам ни се потребни вашите инвестиции, но и вашите идеи, вашето знаење и искуство. Потребно ни е вашето лобирање во центрите на моќ и влијание, но и вашето активно учество во креирањето политики и носењето одлуки кај нас, дома. Тоа учество мора да биде со разбирање за секојдневните предизвици на македонските граѓани коишто исто така трагаат по среќа, но во татковината, а не надвор од неа.

Дијаспората мора да биде рамноправен партнер во градењето на Македонија како пристојно место за живот каде младите ќе остануваат и каде вие, иселениците ќе ја остварите вашата потрага по среќа.

Ни претстои голема работа. Земјите со силни дијаспори просперираат. Земјите со слаби дијаспори стагнираат. И тука не станува збор само за финансиски средства или за лобирање, туку за нешто многу подлабоко. Станува збор за пренос на вредности, споделување знаења и вештини, подигнување на очекувањата за животниот стандард, негување на поодржливи навики. Како што татковината треба да го чува минатото на дијаспората, така дијаспората е чувар на иднината на татковината.

Драги пријатели,

Ќе завршам со следново. На 2 септември 1945 година, пред 80 години, токму тука, во Детроит, големиот македонско-американски писател Стојан Христов, обраќајќи се пред Собранието на македонско-американскиот народен сојуз го рече следново: „една или две недели по 2 август 1944 година, секое утро по разбудувањето морав да застанам и да си речам дека сега има слободна македонска држава. Тоа ми изгледаше како чудо, па морав да се принудувам себеси за да верувам во неговата вистина. Тоа беше премногу убаво за да биде вистина. Тоа беше како да си бил цел живот сиромав, па одеднаш си добил еден милион долари. Тоа просто изгледаше нереално. Но, наскоро новата македонска држава ми стана втора природа. И сега ми се чини како отсекогаш да постоела македонска држава“.

Драги мои сонародници,

Стојан Христов ја достигнал среќата бидејќи за него првата татковина стана втора природа. Татковината е ваша, колку што е наша. Таа е една и заедничка, единствена заедничка татковина.

Ви благодарам.

Би можело да ве интересира

Јакимовски: Кој профитира од тендерите за лекови за Онкологија и кој го пушти „кафанџијата“ да биде кандидат за Карпош

Марковска Илиевска: Стевчо Јакимовски во 2021 вети катна гаража на Орце Николов, четири години потоа само дупки и ѓубре

Предраг Петровиќ

Гаши: Сите учесници на изборите да се воздржат од секоја форма на притисок, користење на говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси

Клиника Жан Митрев дел од Регионалната школа за срцева слабост

Коалицијата „Искуство за успех“ ги претстави своите кандидати за претстојните локални избори

Николоски: Огромна победа во Струмица! Енергија за голема промена