Повеќе од 25 години граѓаните на Северна Македонија сакаат да ја видат земјата како го зазема своето место во западните институции. Таа желба ќе стане реалност оваа година. САД со нетрпение очекуваат во наредните месеци да и пожелат добредојде на Северна Македонија како 30 членка на НАТО, а ние исто така силно го поддржуваме и отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ што е можно побргу. Ова го порача в.д. амбасадорката на САД во земјава Микаела Швајцер Блум на приемот во американската амбасада што вечерва се одржа по повод нивниот национален празник – 4 Јули.
Обракајќи се пред присутните Швајцер Блум истакна дека земјата како членка на НАТО трајно ќе ги зацврсти своите односи со САД и сојузниците на Алијансата.
– Ние нема да бидеме само пријатели и партнери, ние ќе бидеме сојузнци, поврзани преку заедничката заложба за мир, безбедност и просперитет. Нема посилна врска од оваа. Ние ја видовме оваа врска на дело минатиот месец за време на вежбата „Одлучен удар“ на Криволак, каде војниците од нашите две земји создадоа заеднички процедури за комуникација и операции, подготвувајќи се заедно да одговорат на идните закани, рече Швајцер Блум.
Таа додаде дека врските меѓу САД и Северна Македонија се остваруваат и во бизнисот, културата, образованието и на социјален план.
-Граѓаните на нашите две земји ги сакаат истите работи. Како што нашите основачи рекоа во Декларацијата за независност што денеска ја славиме – сите луѓе имаат право на живот, слобода и потрага по среќа. За да се постигне ова потребна е власт што одговара на потребите и грижите на граѓаните, власт што ги слуша граѓаните, рече в.д. амбасадорката на САД.
Нагласи дека таа за повеќе од три години служба во Северна Македонија видела се повеќе граѓани на земјава како гласно зборуваат, кога бараат власта да работи за народот и кога гласно ги отфрлаат оние кои ја злоупотребуваат службата и крадат од луѓето.
-Овие три години беа период на динамични промени во Северна Македонија, позитивни промени што цврсто Ве поставија на патот на стабилноста и просперитетот. Но, демократијата никогаш не е завршен процес и секогаш има повеќе да се сработи за граѓаните, рече таа.
Изјави оти е горда дека Амбасадата на САД ги поддржала напорите на земјава да ја зајакне демократијата – не само да пишува добри закони, туку и да ги спроведува, да гради модерна економија и да ги направи земјата и регионот побезбедни.
-Ќе продолжиме да работиме со вас, поддржувајќи ги вашите напори на патот кон остварување на „посовршена Унија“-да цитирам една фраза од Уставот на САД. Живеете во период на големи можности и на голем потенцијал, а како ваш сојузник и пријател, со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата соработка и да ви помогнеме да ги остварите амбициите на вашите граѓани, рече Швајцер Блум.