Приватни специјализанти од денеска се во генерален штрајк откако и покрај одржаниот протест на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.
– Нашите барања се покачување на надоместокот кој во моментов е 26.000 денари, бараме да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, бараме здравствено осигурување кое во моментов го немаме и трето барање е решавање на нашиот статус на невработени лица без пензинско и издравствено осигурување. Се решивме на овој чекор и штрајкот утрово го започнаа повеќе од 400 специјализанти бидејќи Министерството за здравство немаше слух за нашите барања.
После протестот на 27 март, имавме средба со министерот за здравство, Илир Демири од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. По остварената средба со министерот, одржани се две седници на Влада и тоа на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања – рече д-р Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година.
Специјализантите добиле повик утрово од претставник на министерството дека денес во 14 часот ќе се одржи средба во Влада, но не знааат кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нивните барања.
Нивниот штрајк ќе продолжи се додека не добијат писмени гаранции дека нивните барања ќе бидат исполнети.
– Штрајкот значи дека нема да ги извршуваме нашите работни обврски, нема да се појавуваме на дежурства и да држиме амбуланти, ова значи целосно бојкотирање на работниот процес. Ако не е изводливо од правна гледна точка да ни го регулираат статусот пред избори, доколку ни дадат писмена гаранција и помине тоа на Влада, дека после 8 мај ќе ни ги исполнат барањата, ќе го прекинеме штрајкот – додаде Чешлароска.
Тамара Пејоска, специјализант на пластична хирургија е на прва година специјализација. Вели дека специјализантите мора да се лекуваат на приватно.
– Ние дежураме по 24 часа, активно учествуваме во амбуланта, асистираме на операции, работиме многу долги часови и сето тоа е наградено со ниска плата, а немаме осигурување. Јас лично се случи да си ја платам инфузијата од 1000 денари на Инфективна клиника. Или од овие 26.000 денари да издвојувам дополнително за здравствено осигурување. Нашиот статус никако не е решен, без разлика на нашето издвоено време и колку жртви имаме направено, не ги добиваме соодветните услови – додаде Пејоска.
Тие напоменаа дека во текот на користење на породилното отсуство им се укинуваат и тие 26.000 денари, со што се чувствуваат дискриминирани и деградирани.
На државните клиники работат околу 400 приватни специјализанти за месечен надоместок од 26.000 денари, а едно од нивните барања е негово покачување на 40.000 денари.