Општина Штип по неколку години застој ќе ја изгради платформата за паркирање на возила над реката Отиња, меѓу Стопанска банка и Трговскиот центар.
Кристина Костова советник за информирање во кабинетот на градоначалникот на Општина Штип вели дека на електронската аукција на која што учествувале шест фирми, кои ги исполнуваат условите, најповолна понуда дала штипската фирма „Коле-Транс Инжињеринг“.
– На електронската аукција на јавно наддавање најниска цена понуди економскиот оператор Коле-Транс Инжинеринг ДОО Штип. Денеска истекува рокот за жалба од 12 дена, а во тек е процедура за склучување договор за јавна набавка, вели Костова.
Овој проект според понудената цена ќе чини 7.827.833 денари со ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Штип.
Новата платформа ќе се простира од едниот до другиот крај на коритото на реката и ќе се влегува во неа од двете улици, кои се покрај кејот на реката Отиња.
Со изградбата на оваа платформа во централното градско подрачје ќе се добијат дополнителни над 40 паркинг места за возилата. Во Штип еден од најголемите проблеми е решавањето на сообраќајниот хаос и паркирањето во центарот, каде што се сместени сите институции, со изградбата на платформата ќе се растерети сообраќјот во централното градско подрачје.