Македонија влегува во категоријата на земји во која што е обезбедена силна уставна заштита, така што не постои системски проблем, заклучил Европскиот суд за човекови права во Стразбур од бројот и видот на жалбени постапки што ги покренале македонските граѓани пред Судот.
– Во моментот во Европскиот суд за човекови права во Стразбур има 324 тужбени барања од македонски граѓани кои треба да бидат решени. Изминатата година биле разгледани 289 вакви барања и донесени шест пресуди. Доколку се погледнат сите овие предмети може да се види дека Македонија влегува во категоријата на земји во која што е обезбедена силна уставна заштита, така што не постои системски проблем во однос на Македонија, рече претседателот на Судот во Стразбур Дин Шпилман на прес конференцијата одржана на маргините на Конференцијата посветена на 50-годишнината од востанувањето на уставното судство во Македонија.
Станува збор, додаде тој, за различни прашања поврзани со овие случаи кои беа доставени во Судот. Некои, рече, се однесуваат на самата природа на судењето, некои на времетраењето на судењето, некои на моментот на притвор…
– Сите случаи се различни, третираат различни прашања и во таа смисла може да кажеме дека во земјата нема системски проблем, истакна одговарајќи на новинарски прашања.
Во контекст на правата на граѓаните и можноста за жалби, претседателката на Уставниот суд на Република Македонија Елена Гошева беше прашана за уставните измени кои ја востановуваат уставната жалба при што истакна оти тие биле очекувани.
– Уставниот суд ги очекуваше овие измени бидејќи тој во моментов е единствен Суд во регионот кој досега не практикуваше уставна жалба. Ние бараме претходно да се направат припреми, односно Уставниот суд да се подготви со човечки ресурси и технички капацитети за да може да ја прифатиме односно да постапуваме по уставната жалба која е предложена во уставните измени, рече Гошева.
Судијката во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазаревска Трајковска смета дека уставната жалба е неопходна за обезбедување на правата и слободите на граѓаните.
– Јас сум голем поборник кога станува збор за заштитата на човековите права. Во тој контекст сметам дека човековите права припаѓаат дома. Тие треба да се штитат дома, рече таа.
Додаде дека Македонија има потреба од целосна индивидуална уставна жалба, има потреба да ги заштити сите човекови права кои ги гарантира Уставот на Република Македонија, но и Конвенцијата за заштита на човекови права.
– Тоа е целосно заштитен механизам и заштита на човековите права кои нема да исклучува одредени права, ќе им даде простор на граѓаните сето она кое ги тишти, обременува пред ресорните судови, а е поврзано со заштитата на човековите права да можат прво дома во домашна институција да го заштитат пред да се обратат во Судот во Стразбур, истакна Лазаревска Трајковска.
Овој правен механизам, како што рече, е важен од неколку аспекти и тоа како што додаде, од можноста да се намали бројот на предмети во Европскиот суд до заживувања на супсидијарноста.