Шкариќ: Злоупотреби на правото има многу, а за нив малку се зборува

Од:

„Злоупотреба на правото и ненормалното право наспроти владеењето на правото“ е темата на петтата по ред Конференција во рамки на Охридската школа на правото 2019 што од денеска до 12 мај се одржува во Конгресниот центар во Охрид.

Темата е актуелна и значајна оттаму што еден од најголемите проблеми и нарушители на правото е токму неговата злоупотреба, така што во текот на конференцијата ќе бидат расправани многубројни прашања и примери на злоупотреба на правото, од што ќе произлезат и конкретни заклучоци со предлози до институциите за соодветни решенија со цел правна држава, полесно остварување на правдата и зголемување на правната сигурност, во интерес како на граѓаните така и на самата држава.

Професорот Светомир Шкариќ во воведното обраќање пред учесниците на собирот истакна дека изминатите дваесеттина години се живее повеќе во духот на злоупотреба на правото отколку во негова примена.

– Многу се зборува за владеење на правото, а за злоупотребата на правото нема ни збор. А тоа е побитно отколку да се зборува за правото како такво. Злупотребата на правото значи да остваруваш субјективно право што е дадено со Уставот и законите, а го остваруваш на несовесен, ненормален, фалсификуван начин. Такви примери има безброј, за жал тоа го прават и правните институции. А последиците од злоупотребите на правото се најголеми кога тоа го прават државните органи, меѓу кои Собранието, Владата, најмногу Уставниот суд што е парадокс, истакна Шкариќ.

Како пример ја посочи констатацијата на Државната комисија за корупција, која при анализа на одреден случај по пријава е принудена да ѕирка во законите и потоа посочува на постоење законска основа.

– Со други зборови, законите се во функција да се развива корупцијата односно да се штитат криминалците. Оттука Собранието не може да избега од својата одговорност, како законодавен субјект, рече Шкариќ.

Посебно се осврна на закони донесени од Собранието, за кои рече дека имаат катастрофални последици, пред се законот за сопственичките односи и законот за концесии.

– Револтот против отворањето рудници не е ништо друго туку реакција на злупотребата на добрата во општа употреба и нивното транформирање во државна сопственост, за кои Владата добива монопол да одлучува. Тоа било најстрого санкционирано уште во Римското право. Кај нас такви институции за заштита на тие добра не постојат, рече професорот Шкариќ.

За Уставниот суд рече дека не само што врши злоупотреби на правото, туку бесправно и противуставно се однесува, за што рече дека постојат бројни примери нагласувајќи ја одлуката за укинување на членот 11 од Законот од 1993 година што се однесува на помилувањето.

– Уставниот суд укина веќе укината одредба и на тој начин се обиде мртвата одредба да ја оживее. Тоа е беззаконие, противправно однесување, а кога тоа го прави Уставнот суд тоа е показател дека залупотребата на правото царува, нагласи тој.

По однос актуелната тема на опстојувањето на СЈО, професорот Шкариќ одговарајќи на новинарско прашање рече дека позната е причината за неговото формирање, со уверување дека истото ќе опстои, како што рече, „не заради свеста и залагање на домашните субјекти, повеќе под притисок на надворешниот фактор“.

– За жал во Македонија ништо вредно не може да се донесе без содејство на надворешниот фактор. Тука особено мислам на ЕУ, која има многу поизострен сензибилитет за неказнивноста што се толерира во Македонија отколку домашните фактори. Неказнивоста исто така е форма на злоупотреба на правото, рече тој.

Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од своја страна посочи на негативната практика за клучните прашања од националното законодавство да решаваат неколку политички лидери на маса во Клубот на пратеници. Според него, изградбата на демократската држава мора да се прави единствено во Парламентот и никако поинаку.

– Формално-правно имаме идеални закони, проблемот е имплементацијата односно нивната примена. Мајстори сме како да не ги спроведуваме тие закони со европско знакче. За примената на законите мора да постои политичка волја која кај нашите политички лидери отсуствува.

Што се однесува на најавените реформи во јавниот сектор, Давитковски смета дека сега веќе е тоа доцна, оттаму што светската пракса покажува дека немааат ефект реформи донесени пред избори, уште повеќе што тоа е непопуларен потег за самиот политички субјект.

– Радикални реформи пред избори донесе владата на Маргарет Тачер, потоа нејзината Конзервативна партија 20 години не можеше да дојде на власт. Тоа е ако некој мисли за доброто на државата, а не за партијата, реформи се потребни час поскоро. Но, познавајќи го нашиот менталитет и политичкиот амбиент тука не верувам, рече Давитковски.

На собирот во Охрид на кој учествуваат 120 експерти професори по право, асистенти, судии, адвокати, нотари извршители, докторанти од седум држави, ќе бидат презентирани повеќе од 80 трудови на темата за злоупотреба на правото.

Би можело да ве интересира

Македонија на 63 место според „Индексот на владеење на правото“

А1он

Македонија на 64-то место во светот според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда

А1он

Бернс: Донираната опрема е чекор кон зајакнување на владеењето на правото

Ана Ололовска

Стапи во сила Законот за бесплатна правна помош

Ана Ололовска

Прибе: Независни политичари услов за владеење на правото

Ана Ололовска

ЕК со засилена контрола врз владеењето на правото во земјите членки