Шпанските скали нема да се градат, но за да си го врати земјиштето, Центар ќе чека одлука на судот

Од:

Откако вчера Второстепената комисија по вторпат потврди дека одобрението за градење на „Шпанските скали“ на Плоштадот во Скопје е ништовно, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека судот добил аргумент плус за враќање на земјиштето во сопственост на Општината. За да си го добијат назад, ќе чекаат да заврши судската постапка против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десетмина за незаконска продажба на државно земјиште, меѓу кое е и она за изградба на Шпанските скали.

„За да си го вратиме назад земјиштето мораме да го чекаме исходот од судскиот процес. Доколку судот утврди дека продажбата на државното земјиште е незаконска ние по автоматизам ќе го добиеме. Таму не може да се гради оти вторпат Второстепената комисија ја одби жалбата од сопственикот кој се жалеше по поништувањето на одобрението за градење, а парцелата не може ниту да се продава оти има забрана од судот поради судската постапка“, вели градоначалникот Богдановиќ за „А1он“.

Одобрението за градење на Шпанските скали Општина Центар го поништи поради тоа што истекол рокот за почнување на градбата. Второстепената комисија ја прифатила првата жалба од сопственикот на земјиштето оти имало технички пропуст.

„Првата жалба беше прифатена поради тоа што, освен во години не сме навеле и колку денови поминале откако му истекло одобрението за градење. Го поништивме и вторпат, а сопственикот и вторпат се жалеше но Второстепената комисија му ја отфрли жалбата. Рокот е истечен и иако се уште тој може да се жали на Виш управен суд ништо не ја менува фактичката состојба за истекот на одобрението кое станало правосилно во 2015 година, а важи две години “, вели градоначалникот Богдановиќ.

Државното земјиште на Плоштад Македонија со површина од 1046 квадратни метри на електронска аукција во 2013 година беше продадено за 1,58 милион евра на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на барокна деловна зграда висока 16 метри со Шпански скали кон Плоштадот.

Продажбата на оваа парцела, заедно со уште три други е предмет на судска постапка во Кривичниот суд. ОЈО поднесе обвинение против поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десетмина вработени во Министерството, во Катастар, нотари и бизнисмен кои учествувале во продажбата на државното земјиште.
Локацијата за Шпански скали предизвика лавина реакции од граѓаните на почетокот на летово кога градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на парцелата насади трева, па на Плоштадот скопјани добија и ливада. Објасни дека не можел да ја поплочи оти била приватна сопственост и дека ќе остане така се додека земјиштето не се врати на државата, односно на Општина Центар.

Би можело да ве интересира

Герасимовски: Ја украсивме општина Центар, граѓаните имаат потреба од позитивна атмосфера

Орце Костов

Општина Центар со препорака до угостителските и јавните објекти во следните два дена да ја прилагодат музиката

Јанчева: Заради „Шпански скали“ од проектот Скопје 2014 се бара отштета од 130 милиони евра

ВМРО-ДПМНЕ: Ризикот за плаќање на милионски отштети кон странски фирми во арбитражни постапки е заради неспособноста и криминогеноста на СДС

Казни од 13.000 евра за Интермецо и за Мош за прегласна музика

Катерина Ѓуровски

Целосно се забранува градење надвор од Генералниот Урбанистички план на Водно