Шилегов: Во првите 100 дена го отворивме градот за сите

Од:

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска одржа прес-конференција по повод првите 100 дена од мандатот. На прес-конференцијата Шилегов ги презентираше резултатите и најважните активности во првите 100 дена, предизвиците со коишто се соочи новата градска власт, како и дел од плановите и поважните проекти што ќе се реализираат во наредниот период.

„Овие 100 дена работевме посветено, одговорно и чесно, следејќи ги потребите и интересите на граѓаните на Скопје. Го отворивме Градот за сите. Веднаш по преземањето на градската власт воведовме двосменско работење на службите што непосредно работат со граѓаните. Бараката 16, сега работи од 7:30 наутро до 19:30 навечер. Граѓаните сега можат побрзо и полесно да ги завршат своите работи поврзани со прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци на Град Скопје. Исто така, имплементиравме нов софтвер што овозможува даночните обврзници да добијат навремени информации за статусот или промената на нивниот предмет поднесен до Град Скопје, или даночна обврска по пат на СМС или е-маил“, истакна градоначалникот Шилегов.

Градоначалникот Шилегов како приоритет во првите 100 дена ги истакна активностите за животната средина и подобрување на состојбата со загаденоста на воздухот, како области кои се од особено значење за него.

Во првите денови од мандатот, беше започната есенска акција за зазеленување на Скопје, во која што беа засадени 615 нови дрвја низ различни локации во градот. Акцијата за зазеленување на Скопје ќе продолжи и на пролет, кога е планирано да се засадат повеќе од 4000 садници.

„Тројно го зголемивме буџетот за заштита на животната средина, кој за 2018-та година изнесува 141 милиони денари, што претставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017-та година, којшто за овој сектор предвиде само 48 милиони денари. Ја организиравме најголемата акција за чистење на Скопје, што беше дел од краткорочните мерки против загадувањето со која беа отстранети околу 3.000 кубни метри смет од улиците и јавните површини во градот. Во оваа акција, освен јавните градски претпријатија беа ангажирани неколку стотици лица, баратели на работа преку Агенцијата за вработување на РМ“, кажа Шилегов.

Со промовирањето на кол-центарот на бесплатната телефонска линија 193, оваа зима сите пријавени огнови од граѓаните беа изгасени. Интервенирано е на околу 100 огнови на отворено. Справувањето со дивите огнови е уште една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Градот Скопје обезбеди и субвенции за набавка на печки на пелети во висина до 70% од вредноста на печката. Во рамките на вонредните мерки за намалување на загадувањето, согласно со препораките на Владата на РМ, Град Скопје презеде низа активности со кои краткорочно се влијаеше на намалување на загадувањето. Во таа насока, трипати се воведе бесплатен јавен автобуски превоз, се ограничи периодот во кој е дозволен дотур на стока во централното градско подрачје и се засилија контролите на инспекторите за животна средина.

Градоначалникот Шилегов ја стопираше изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик и со пренамена на средствата кои беа предвидени за Скопје 2014, започнаа интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта, истите да добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија.

Шилегов се осврна и на преостанатите проекти коишто беа реализирани во првите сто дена од областа на спортот, културата, образованието, меѓународната соработка, социјалната заштита и хуманиот третман на уличните кучиња.

„Формиравме работна група за следење на состојбата во работата на стационарот Вардариште и хуманиот третман на уличните кучиња. Согласно препораките на работната група, Градот Скопје работи на изнаоѓање на системско решение за превенција и спречување на инциденти поврзани со напади на граѓаните од страна на кучиња“, нагласи Шилегов.

Во изминатите 100 дена, градската администрација предводена од Шилегов оствари билатерални средби со градоначалници на европските градови Загреб, Љубљана, Тирана и Солун. Во делот на домашната и меѓународната соработката, беше потпишан анекс на Меморандум за изградба на пречистителни станици за третман на отпадни води, а се потпиша и Договор за спроведување на ИПА проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“ со чија реализација ќе се заштитат водите на реката Вардар.

По препорака и апел на граѓаните, Град Скопје ги ослободи тротоарите од возила со поставување заштитни столпчиња на главните улици и булевари. Поставени се вкупно 714 столпчиња во должина од 1.071 метар, со што се зголеми безбедноста на пешаците на тротоарите. Исто така, во моментов се изведуваат три нови велосипедски патеки и се врши реконструкција на четири велосипедско-пешачки патеки во градот.

„Како одговорна градска власт, се обврзуваме дека ќе продолжиме интензивно да работиме за подобрување на животната средина и Скопје да го направиме функционален и „паметен“ град, безбеден за растење и спокоен за пензионирање.

Императив е Градот Скопје да се гради и развива заедно со граѓаните и да го направиме Скопје – град за сите“, потенцираше градоначалникот Шилегов.

Би можело да ве интересира

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје

(ВИДЕО) Јовановска: На народот му врие, преку глава му е од овие политички препукувања

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз