На јавна трибина пред Универзалната сала, кандидатот за градоначалник за град Скопје од редовите на СДСМ, ги обвини властите од ВМРО-ДПМНЕ за како што вели, изгубеното минато на Скопје.
Според него, Калето, Камениот мост, Универзалната сала, веќе не се автентични бидејќи се засенети од проектот „Скопје 2014“.
„Сегашноста на Скопје е дека е најзагадена европска престолнина од сите градови во Европа. Дишеме воздух кој содржи најмалку 10 пати повеќе штетни честички од дозволеното. Од „Миле ми текна”, го одземаа зеленилото, земаа „џблк” парцели, а пак ни донесоа технолошки застарени автобуси. Му го одземаа и јавниот превоз. Јавен превоз е да се возите брзо, евтино и ефикасно, но и тоа го одземаа“, вели Шилегов.
Кандидатот за градоначалник упати низа обвинувања кон досегашниот градоначалник, Коце Трајановски, бидејќи според него, неговите идеи биле луди. Шилегов вели дека има чест да припаѓа на тим кој има план за иднина и ќе го врати животот во Скопје, онакво какво што го паметат граѓаните.
„Јас ви ветувам, дека Скопје со мене, ќе има градоначалник кој нема да седи и посматра, туку ќе реагира. Проблемот со загадувањето ќе го решаваме од првиот ден. Во моментов немаме податоци или градот ги крие, за тоа што е изворот за гушењето на Скопје. Но, додека трае истражувањето, ќе преземеме мерки според план. Ќе има Јавен превоз во деновите кога е најзагадено, нема да има градежни работи во местата кај што е најзагадено, ќе започнеме брзо зазеленување на градот. Примарен удар на загаденоста, ќе биде гасификацијата на Скопје која ја започнуваме во 2018 година. За секој изграден стан во Скопје, ќе бидат засадени од три до пет дрва“, додава Шилегов, претставувајќи ги мерките против загадувањето.
Според Шилегов, булеварите што ги градел Трајановски досега, не се според стандардите, а планскиот пристап на СДСМ е сериозен.
„Булеварот кој завршува кај Влада ќе биде продолжен со два моста и подземен тунел. Јас ќе бидам човекот кој ќе гради мостови и ги спојува граѓаните. Булеварот „Словенија“, преку новиот булевар „Босна и Херцеговина“, околу Железара ќе се спои со Гази баба и Аеродром. Скопјанец од Аеродрм да стигне до Ѓорче Петров за само 10 минути. Ова се само дел од проектите кои ги планираме, кај нас зборот е збор“, вели Шилегов
Говорот на Шилегов беше проследен со овации кога се зборуваше за неговите проекти, а пак со „у-а“ кога Шилегов ја претставуваше, според него, негативната страна на Трајановски.
Кристијан Ландов