Актуелниот градоначалник на Град Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов, најавува повторно враќање на исечениот дрворед на Булеварот „Климент Охридски“. Оваа одлука е донесена откако се расчистила дилемата за трасата за „Бас рапид транзитот“ (БРТ), за која во проектот имаше опција да оди и по Булеварот „Свети Климент Охридски“. Сега, откако веќе е јасно дека БРТ линијата само ќе преминува преку овој булевар во центарот на Скопје, Шилегов одлучил да го врати исечениот дрворед, кој беше гордост на Скопјани и белег на градот.
Дрворедот со липи и зеленило беше исечен во јуни 2011 година, заради реконструкција и проширување на булеварот. На 7 септември 2011 Коце Трајановски, Никола Груевски и Владимир Тодоровиќ официјално го пуштија во употреба булеварот „Свети Климент Охридски“, а тогашниот градоначалник на Скопје се пофали дека булеварот добил „нов лик“. За разлика од него, скопјани сечењето на липите во пет часот изутрина го нарекоа масакар и како едно од најгрозоморните злодела. Липите со децении го разубавуваа овој дел на Скопје, и за сите жители имаа посебна магија и емоција.
Освен најавите дека ќе се враќа зелениот појас на Булеварот „Свети Климент Охридски“, Шилегов открива дека ќе се напушти и проектирањето на Булеварот „Даме Груев“ со што беше предвидено проширување на коловозот и воведувањето на пешачката зона кај Рекорд.
Шилегов на прашање од А1он кусо информира дека улицата „Даме Груев“ нема да биде проширена. Според него, оваа улица целосно ќе се реконструира, а просторот кај „Рекорд“ ќе стане пешачка зона како што е најавено и со проектот за БРТ.
Со оваа реализација, Скопје ќе ја добие најголемата пешачка зона од сите градови ви регионот, со оглед дека ќе се протега од „Рекорд“, преку сегашната пешачка зона околу плоштадот, ќе продолжува на кејот, кон „Ибни Пајко“ преку Камениот мост, па кон старата скопска чаршија.