Заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска на први мај во Вашингтон, САД ќе има официјална средба со секретарот за одбрана на САД, Џејмс Матис. На средбата ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Значењето на средбата е уште поголемо бидејќи се случува во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел.
Средбата се реализира во рамките на посетата на министерката Шекеринска на Соединетите Американски Држави која започнува на 26 април и ќе трае до 2 мај. Во рамките на посетата, министерката ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер а ќе има и средби во американскиот Стејт Департмент, Сенатот и Конгресот.
Министерката во Вермонт ќе се сретне и со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Стивен Креј. Армијата на Република Македонија има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како наш партнер во реформите и развојот на вооружените сили.