Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска ја заокружи официјалната посета на САД со средба со Вилијам Беркли, директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа, а во Стејт Департментот имаше средба и со Тина Кајданоу, помошник секретар за политички и воени работи.
На средбите министерката зборуваше за реформските процеси во Македонија, но и за придонесот на нашата држава кон глобалната безбедност, реафирмирајќи ја стратешката определба на граѓаните, политичките партии и Владата на Република Македонија за полноправно членство во Северноатлантската алијанса. „Членството на Македонија во НАТО ќе значи успех не само за нашата држава, туку и за САД и НАТО, и ќе има големо влијание врз стабилноста и безбедноста во регионот“, рече министерката.
Директорот за европски прашања во Националниот совет за безбедност при Белата куќа, Вилијам Беркли рече дека во Белата куќа внимателно се следи развојот на настаните во Македонија. Тој потенцираше дека Македонија има сојузници во Белата куќа, способноста на Владата да испорача реформи и да ги решава проблемите со преговори ја нарече голем аргумент за успехот на земјата, и потврди дека успехот на Македонија да добие покана за членство во НАТO ќе биде пример кој ќе влијае на развојот на настаните и во другите земји од регионот.
Тина Кајданоу од Стејт Департментот рече дека промената во Македонија само една година по политичката криза е видлива. „Македонија е важен партнер за САД и така ќе остане, и ја имате нашата поддршка во решавањето на предизвиците на патот кон НАТО, бидејќи членството на Македонија во НАТО е важно за стабилноста на целиот регион“, рече Кајданоу.
Министерката Шекеринска имаше средби и со потпретседателката на Националниот демократски институт Шари Браун и регионалниот директор за централна и источна Европа, Роберт Бенјамин.
Со полагање на венец на Гробот на непознатиот војник на националните воени гробишта Арлингтон, министерката Шекеринска ја заврши официјалната посета на САД.
Во текот на официјалната посета на заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на САД беше потврдено стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД. Шекеринска се сретна со американскиот колега Матис кој ја реафирмираше американската поддршка за членството на Македонија во НАТО, а имаше и средби со високи официјални претставници на Белата куќа, Стејт Департментот, Конгресот и Сенатот.