Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која денеска учествуваше на маршот за правата на жените, вели дека само со силни жени Македонија може да оди напред.
Според неа, Владата прави многу напори за жените да ги имаат сите права. Тоа што во Собранието 45 отсто од пратениците се жени кажува дека во Македонија се води различна политика по ова прашање, додава министерката.
„Со жалење констатиравме дека стапката на жени градоначалнички е ниска. Ние како партија имавме повеќе предлози за жени градоначалнички за разлика од претходните години. Најголемото изненадување беше победата на жена градоначалник во Арачиново, а најголема победа имавме во Битола, каде што исто жена беше предлог за градоначалничка. Не сме задовлни, ќе продолжиме со оваа политика на локална власт. Јас бев во Собранието кога имаше 7 жени од 120 пратеници. За 10 години исто ќе биде и во локалната власт. Жените во политиката се честопати изложени на дискриминација. Жените покажаа дека знаат да се борат за своите права и преку протестите каде што беа доминантни“, рече министерката Шекеринска.
Во врска со случајот на нападнатата полицајка од страна на високиот партиски функционер на ДУИ, Шекеринска вели дека никој не е над правдата.
„Очекуваме институциите, професионално, без притисоци, да ја констатираат вистината. Се што ќе кажеме ние, ќе биде мешање на политиката во правдата. Никој не е над правдата. Институциите мора да ја најдат вистината. Доколку има одговорност, треба да биде посочена со име и презиме“, вели Шекеринска.
Меѓу присутните на маршот е и премиерот Зоран Заев, но и други министри од неговата влада.