Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека повеќето лица од министерството за одбрана кои неосновано земале аванси ги вратиле, а против одреден број лица кои не ги вратиле покренати се судски постапки.
Според неа во кус рок ќе бидат обезбедни назад и парите, кои досега не се вратени. Од први септември е воведен нов правилник во министерството со кој точно се дефинира што се подразбира под репрезентација и со кој треба да се спречи незаконското трошење пари.
– Важно е сите избрани функционери во Владата да станат свесни дека нашето однесување и одлуки се на тест на јавноста и дека секој од нас мора да може да ја одбрани одлуката ако постои основа за тоа. За погрешно донесени одлуки во ова насока Владата ќе влече потези и ќе покаже дека не сме исти, рече Шекеринска.
Таа кажа дека постоел хаос во министерството во делот со авансите и службените патувања, но тој бил толериран.
– Кога нема подзаконски акти со кои се регулира репрезентација или аванс, лесно е да дадете пет илјади евра за дводневно патување во странство. Не сакавме од тоа да тераме политика. Моја цел беше да се заштити буџетот, затоа двата летни месеци ги посветив на тоа секој од личностите кои имаат невратени аванси да добијат шанса да ги вратат, рече таа, коментирајќи го и однесувањето на директорот на Агенција за промоција и поддршка на туризам, Александар Донев, кој се уште е на функцијата.