Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вечерва беше со граѓаните на Берово. Во разговор со граѓаните беа разменети мислења за придобивките за Македонија и сите граѓани од членството во ЕУ и НАТО преку и перспективите кои се создаваат.
Шекеринска од Берово порача дека не можеме да чекаме уште 27 години и дека е време да изградиме држава по европски правила. „Одлуката нема да ја донесат оние што ќе останат дома в недела на 30 септември, туку тие што ќе излезат да гласаат и затоа да излеземе масовно и да гласаме „за“, рече министерката Шекеринска.
„Во сите земји од регионот кои станаа членки на НАТО – Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Романија – се намали невработеноста и се зголемија платите. Овие држави сега не може да се препознаат бидејќи се сменија на подобро”, додаде таа.
Шекеринска посочи дека досега за Берово од фондовите на ЕУ биле издвоени 5 милиони евра и дека во мала општина ваква директна помош може да биде од голема корист.
Шекеринска пред граѓаните на Берово ја пренесе посветеноста на Владата на социјалната заштита и ги информираше за зголемената социјална помош речиси за три пати, како и за бришењето на 16 извршителски трошоци од тарифата за наплата на долгови.
„Во недела не седете дома, бидејќи оваа недела е ден за историска одлука, ден за гласање за нашата иднина“, им порача министерката Шекеринска на беровчани.
Шекеринска во Берово имаше средба и со младите на која се разговараше за перспективите на младата генерација и неопходноста од членство на Македонија во НАТО и ЕУ како услов за шанси за работни места и поубав живот.