Шекеринска: Ќе бараме политичка, но кај некои и кривична одговорност за бегството на Мијалков

Од:

Кај сите органи што потфрлиле ќе мораме да бараме и политичка, но од некои луѓе ќе мора да бараме и кривична одговорност. Ова не се случило само заради некој превид, се случило очигледно заради тоа што некој од малкумината што знаеле, ја споделил таа информација со човекот кој требаше да се соочи со правдата, порача денеска од армискиот полигон министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во врска со случајот на Сашо Мијалков.

– Пред ова бегство ниту Владата , ниту правосудните органи, ниту државата не смее и нема да затвори очи и реакциите во јавноста и во институциите покажаа дека сите ќе бараме одговори, решителна акција од страна на сите институции што се повикани да обезбедат акција, ќе бараме одговорност затоа што веќе прашањето е како државата да обезбеди луѓе што бегаат од правдата да се соочат со правдата, во исто време органите ќе мора да дадат одговор на прашањето кој го информираше Мијалков, кој го обезбеди и овозможи неговото бегство. И двете работи и очекувања се целосно оправдани и очекувани и ние мораме да дадеме одговор. Кога велам ние зборувам и за извршната власт, меѓутоа и за правосудните органи, кои по овие прашања не можат ниту да молчат, ниту да бегаат од одговорност, изјави Шекеринска.

Ова, нагласи таа, во ист момент покажува дека луѓето кои долги години чекаме да им завршат судските постапки, стануваат свесни дека веќе нема игра со правната држава заради тоа што не очекуваат дека некој ќе им прогледа низ прсти во текот на судењето и во текот на изрекувањето на пресуда.

Министерката Шекеринска, која заедно со амбасадорката на САД Кејт Брнз денеска го посетија армискиот полигон „Криволак“ каде ќе бидат информирани за претстојните активности за реализација на вежбата „Одлучен удар – 21“, истакна дека се апсолутно свесни дека, како што рече, и наша и државна и на правосудните органи е обврска да реагираме, да одговориме и да носиме одговорност

На прашањето дали побарале помош од пријателска земја за лоцирање на Мијалков, Шекеринска одговори дека тоа не се прашања кои таа треба да ги споделува или да ги има како информација, тоа се прашања, посочи, за кои треба да се побара одговор во делот на правосудните органи и од агенциите и институциите кои ја имаат безбедносната соработка.

Амбасадорката Брнз нагласи дека ја следат ситуацијата и она што се случува на терен и имаат информации од Владата.

– Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Навистина имаме соработка. Се работи за случај што во моментот се одвива, рече таа и за сите прашања упати на Владата од каде што, како што рече, и тие ги добиваат информациите. Во иднина доколку има нови случувања, изјави таа, ние ќе бидеме достапни за коментар.

Би можело да ве интересира

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Мијалков утрово го напушти струшкиот затвор, бил примерен затвореник

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

A1on

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен

Ослободителна пресуда за Мијалков и Јакимовски за „Трезор“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен пресуда за Трезор