Шекеринска: Донесен Оперативен план на НАТО за координирана акција во справување со пандемијата

Од:

На денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО беше донесен Оперативниот план на Алијансата за координирана акција во справување со пандемијата на коронавирусот, информира попладнево министерката за одбрана Радмила Шекеринска по завршување на министерскиот состанок.

Со новиот план, како што посочи, реакцијата на Алијансата и на земјите членки ќе биде уште побрза и поефикасна и ќе се овозможи критичната асистенција да стигне до оние на кои најмногу им е потребна помош.

– Сите 30 сојузници сме соочени со истиот проблем, а тоа е со пандемија која веќе има глобални размери, и затоа најдобриот и најефикасниот начин е да имаме единствен став, координиран одговор, да бидеме брзи во реакцијата, рече Шекеринска.

Таа соопшти дека на состанокот биле донесени и други одлуки, односно дека НАТО Алијансата создава заеднички Фонд кој ќе ги покрие итните потреби на земјите членки и Фонд кој ќе се користи за набавка и обезбедување на медицинска опрема, но и транспорт на опремата на пациентите и на здравствените работници.

Договорено е дека во рамки на Алијансата ќе се креира залиха на медицинска опрема за што веќе НАТО ги започнало првите подготовки. Овие залихи, информира министерката, ќе вклучуваат финансиски средства од сојузниците, донации и опрема која ќе се набавува преку Фондот, а ќе се користи за потребите на сите членки на Алијансата.

– Ако некој имал дилеми еве точно што значи да сме дел од Алијансата. Тоа значи да учествуваме во одлуките и дека не сме сами, рече Шекеринска.

Прашана дали досега е побарана помош од НАТО, Шекеринска посочи дека уште на самиот почеток на кризата кога станавме членка на Алијансата сме побарале помош и сме ја добиле преку т.н. Систем на помош во случаи на природни катастрофи.

– Најголемиот дел од помошта што ја добивме од конкретни земји членки на Алијансата одеше преку НАТО инструментот. Ја добивме поддршката и преку посебниот софтвер за справување со цивилни катастрофи, но главно и со транспорт и обезбедување на заштитна и медицинска опрема. Помошта дополнително ќе ја добиеме во следните неколку недели од Норвешка каде што еден дел ни ја понудија преку финансиски средства кои влегоа во нашиот буџет и со нив купуваме веќе дополнителна медицинска опрема, но дел од опремата и директно ќе ја добиеме преку НАТО Агенцијата за јавни набавки, наведе Шекеринска.

Додаде дека повеќе од 10 земји членки на НАТО преку овој инструмент испратиле помош на земјава, а ни било понуден и т.н. стратешки транспорт, односно авиони што се ставени на располагање за транспорт на дел од опремата. Од страна на неколку земји членки, информира министерката, може и да искористиме понуди за здравствена помош.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

„Политико“: Шекеринска и Габриел кандидатки за заменички на генералниот секретар на НАТО

Горан Наумовски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on