Шекеринска: Бројот на жените во одбраната не е на задоволително ниво

Од:

Состојбата со бројот со жените во АРМ не е доволно добра, но таква е ситуацијата во речиси сите армии и во европските, кои се неколку чекори понапред во однос на Македонија, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на трибината на тема „Родова перспектива во одбраната”, организирана по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Нагласи дека бројот на офицерки во АРМ се зголемува, но не доволно брзо и додаде оти е уверена дека наскоро ќе има подобрување на ова поле.

Министерката истакна дека при приемот на питомците оваа година во Воената акедамија повеќе од половината од кандидатите биле девојки, кои биле меѓу најдобро пласираните во однос на успехот, тестирањата и физичката подготвеност.

– Ако се откажете од 50 проценти од своето население, со образложение дека таму едноставно не треба да има амбиции, сте се откажале од потенцијално добри офицери, подофицери, војници. Анализите на НАТО во одреден дел од мисиите покажуваат дека има одредени предности, кои ги имаат жените, полесно можат да остварат контакт со локалното население, на пример со жените во некое авганистанско село, посочи Шекеринска.

Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски на присутните им порача дека се надева дека во блиска иднина на ваквите настани на пример ќе биде промовирана првата жена генерал во Македонија.

– Ќе бев многу посреќна ако денеска тука промовиравме генерал-жена, можеби да испомовираме женска единица за специјални задачи. Можеме да се пофалиме дека направивме голем чекор напред, пробивме многу бариери, порача Ташевска Ременски и додаде дека доказ за тоа е што Шекеринска е министерка за одбрана.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го потенцира значењето на Резолуцијата 1325 на ОН од 2000 година, со која се регулира учеството на жените во воени и безбедносните сили, но нагласи оти таа се уште не чувствува дека овој документ во пракса го дава својот интензитет.

– Не е можно да имаме учество на жените во надминување на конфликтите, ако немаме економска и социјална благосостојба и учеството на жената во нашето општество во тие процеси, порача таа.

Во врска со резолуцијата 1325 напомена дека не може да имаме ефикасен систем за одбрана ако половина од населението не е во тој систем.

– Не смееме да заборавиме дека од социјален аспект жените се уште се користат како масовно оружје и злоупотребата врз жените се користи како воена тактика. Тоа е она за кое зборува оваа резолиција. Ако има повеќе од 50 отсто вклучени жении во мисиите нема да има толку сексуално насилство, рече Царовска.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека од проценката на состојбата на жените во едно општество може да се направи проекција за можноста за избувнување на конфликт, односно војна.

– Колку е поголема неинклузивноста или насилството врз жените, толку е поголем потенцијалот во една држава да се случи насилство, рече тој.

Координаторката на мисијата на ОН во Македонија Луиза Винтон напомена дека во Македонија има промени во оваа сфера – има унапредување на правата на жените, унапредување на родовата рамноправност, а потсети дека и кон крајот на минатата година е ратификувана Истанбулската конвенција.

Прогрес гледа и во зголемувањето на бројот на жените во воени сили.

– Колку што знам од 2012 година бројката е двојно зголемена и сега изнесува околу девет отсто, додаде таа, но напомена оти се очекува натамошен напредок во оваа сфера.

Рече дека целта во оваа насока е постигната кога за секое дете најнормално ќе биде кога ќе види жената војник, полицајка, министерка за одбрана, министерка за труд и социјална политика, премиерка.

Целта на трибината беше да се подигне свеста за состојбата на жената во одбраната, со акцент на идните конкретни чекори и политики кои ќе се преземат во однос на предизвиците на жените професионалци во одбраната.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната