„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Од:

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ предупредува дека на утрешната седница на Советот во Општина Центар повторно под техничка исправка се крие гласање за дополнителни два ката на сегашната трикатница спроти стара Градска болница. На дневен ред е одлука за донесување техничка исправка за градежната парцела на трикатницата која е дел од измените и дополнувањата на планот Градска четврт Голем ринг – јужен дел – исток, подготвена уште во февруари 2017 година.

„На Миле му текна, а Горан му спроведе. И сѐ така јасно и олеснето со документација од 2017, од времето кога слушавме бомби за нелегалните ДУП-ови за Центар. Повторно е ставен на дневен ред предлог за усвојување техничка измена на ДУП Голем ринг Јужен дел – исток за надградба на уште 2 ката на зградата веднаш спроти Ургентниот центар Св. Наум Охридски (поранешна Градска болница).Оваа техничката исправка веќе е одбиена од минатиот состав на Советот на Општина Центар, но сега повторно се става на гласање за да се потврди принципот дека ‘нема лоша локација за упорни градители’. Документацијата во прилог се одобренија и мислења од 2017 г. од Министерство за транспорт и тогашната комисија во Општина Центар. Шанса за Центар е против оваа ‘техничка измена’ бидејќи овие навидум ‘ситни измени’ во бројките во табелите од урбанистичкиот план ќе овозможат да се подигнат уште неколку ката на оваа зграда, а за тоа нема согласност од станарите и корисниците“, велат од „Шанса за Центар“.

Тие предупредуваат дека доколку се дозволи надградба на трикатницата, ќе се направи дополнителен хаос во и така натрупаниот простор, посебно поради тоа што нема никакви услови да се обезбеди дополнителен простор за паркирање.

„Техничките исправки на навидум ‘случајни грешки’ стануваат ‘мала врата’ преку која се протнуваат измени во урбанистичките планови секогаш во полза на повеќе градење во Центар“, потсетуваат од „Шанса за Центар“.

 

Од Општината за „А1он“ објаснија дека одлуката за техничката исправка последен пат била на пред Советот во декември 2020 година, но не стигнала до гласање туку била повлечена на доработка. Ставена е на дневен ред на утрешната седница на предлог од градоначалникот, а советниците, како што нагласуваат од Центар, меѓу кои се и „Шанса за Центар“ ќе имаат можност да се изјаснат за исправката.

Би можело да ве интересира

Уставен суд ја укина Одлуката за суспензија од примена на ДУП во Општина Куманово

Истражување: Дел од општините имаат неважечки Генерални урбанистички планови

Орце Костов

Општина Карпош пред Уставен суд ќе го оспорува ДУП-от кој го донесе Општина Ѓорче Петров

Арсовска: Кривични за градоначалникот на Ѓорче и министерот за транспорт – „Нема да дозволиме еколошка катастрофа на Скопје“

Анита Петровска Рајковиќ

(ВИДЕО) Три хемиски фабрики во новиот ДУП за Ѓорче – „Загрозен животот на карпошани“, Јакимовски бара Уставен да го укине

Анита Петровска Рајковиќ

„Пуцко Петрол ќе гради згради високи 108 метри, Општина Карпош намерно ја залажува јавноста со видеа“, обвинуваат граѓанските организации

Орце Костов