Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува учениците наскоро да го добијат и учебникот по предметот Историја и општество затоа што, по неколку обиди на МОН, се пријавиле кандидати за рецензија.
Посочи дека за учебниците што недостигаат учениците имаат материјали за учење подготвени од Бирото за развој на образованието и тие им се доставени на 1 септември.
-Кога зборуваме за учебници, остана само за еден предмет и тој е во завршна фаза. На последниот повик имаме пријавени рецензенти и за брзо време и тоа ќе се заврши. Очекувам според законските рокови, Националната комисија за учебници да ги евалуира кандидатите, да ги одобри, но децата имаат материјали и тие се доставени од БРО според наставната програма за Историја и општество, рече Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања откако со премиерот Димитар Ковачевски го посети Фармацевтскиот факултет во Скопје по повод нова лабораториска опрема и нови проекти од научно-истражувачка дејност.
Во врска со одземените ингеренции на Општина Битола за едно училиште, ресорниот министер одговори дека е постапено законски и според неколку записници од Просветниот инспекторат.
-Имаше проблематична ситуација, затоа што наставен кадар кој е пред трансформација на работниот однос не е веќе на работното место. Затоа е постапено така, според она што ни го дозволува Законот за средно образование, рече Шаќири.
Министерството за образование и ги одзело ингеренциите на Општина Битола за едно училиште, а тоа ќе се случи и за други училишта доколку не е извршена трансформација на работниот однос на наставници кои ги исполнуваат условите.
Како што објавија медиуми, станува збор за над 10 просветни работници кои се отпуштени дома наместо да бидат вработени на неопределено време.
-За ова е запознаена Општината и ги повикувам сите општини да ги почитуваат законите и треба да го почитуваат кадарот. Да нема политичко влијание при вработувањето, додаде Шаќири.