Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставнички на Здружението на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“, со кои разговараше за предизвиците со кои се соочуваат лицата со Даунов синдром и нивните семејства во секојдневното живеење, како и за можностите и условите за нивна поголема интеграција во општеството.
-Денес, пристапот кон лицата со попреченост и нивното вклучување во секојдневниот живот е сменет и бележи голем напредок. Носењето на социјалната реформа значеше голем исчекор напред за сите лица со попречености, нивно вадење од институциите и сместување во мали групни домови, а дополнително со социјалните услуги на локално ниво се овозможува доближување на услугите до корисниците во местото на живеење, истакнала министерката Шахпаска.
Од страна на Здружението Трисомија 21, како што информираат од МТСП, посочиле дека од минатата година функционира и Дневниот центар за лица со Даунов синдром во Скопје, како и дека децата/лицата преку разни активности, настани и проекти се вклучени во општественото живеење.Но, потенцирале од здружението, поради пандемијата предизвикана од КОВИД 19 и обезбедување на поголема заштита од ширење на вирусот, овие активности се значително намалени.
Министерката Шахпаска на средбата посочила дека и натаму ќе продолжат заложбите за поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството, како и за разбивање на стереотипите и подигнувањето на јавната свест.