На Клиниката за урологија ќе работи една сала во две смени, од денеска и официјално имаме известување од директорот дека ќе се почнува со елективна програма, најдено е некое привремено решение, затоа што еве веќе три недели има технички проблем. Привремено решение со поставени компресори однадвор, но и мобилни компресори во сала. Сѐ уште нема трајно решение за оперативните сали. Каков ќе биде целиот систем на гасовод и на компресорските станици, уште не се знае. Не работиме со полн капацитет. Најавено е дека од понеделник ќе бидеме спремни да работат две сали со елективна програма.
Ова попладнево го истакна Башким Шабани, вработен на Клиниката за урологија во Скопје, хирург уролог, во изјава за медиумите.
Тој појасни дека според нивните информации, сите хируршки клиники претходно имале околу сто операции дневно. Проблемот со оперативниот блок на хирургија трае околу еден месец. Се работи за околу две илјади операции, а поради одморите, рече тој, листата на чекање ќе се пролонгира за уште два – три месеци.
– Здравствениот систем во Македонија е централизиран. Најголемите хируршки интервенции се прават во Клиничкиот центар. За жал, ова многу ќе влијае во здравствената состојба на пациентите. Има пациенти со карцином на простата, на пример, таму има простор за чекање. Меѓутоа, има тумори на мочен меур, на бубрег, што навистина не можат да чекаат многу, бидејќи, додека се чека, може да се појават и метастази, појасни докторот.
Тој нагласи дека трајното решение е во смена на компресорската станица со цевководите, целиот компресорски систем. Станицата била стара 30 години, а според тоа што го слушнале и германските експерти кои биле на увид на целиот систем на гасовод, компресорска станица, кажале дека станицата е стара со цевководите и рокот на траење на таквите станици е толкав.
– Се доцни со изградба на нов клинички центар, подвлече докторот, кој на клиниката работел околу дваесет години.
– Тежок удар е да не работи оперативниот блок толку време, Клиничкиот центар е столбот на здравството, рече тој, истакнувајќи дека многу порано требало да се размислува од надлежни фактори, за да не дојде до ова, што се случува изминативе денови.