Познавачот на Балканот, Даниел Сервер, на седницата на Комисијата за eвропски прашања пред присутните истакна дека САД сака сите земји на Балканот да станат дел од ЕУ затоа што тоа е најголема сигурност за стабилноста на регионот.
„Ова е неверојатна можност за членство во ЕУ. Ништо не е гарантирано, но претставува неверојатна можност да се стапи на патеката за членство во ЕУ и членство на НАТО. Процесот беше замрзнат кога Хрватска влезе во ЕУ и сега пак почна. Ваквите можности не се случуваат многу често. Извештајот за Македонија е позитивен, но треба да бидеме свесни дека постојат проблеми, а таму ќе биде нашиот фокус“, вели Сервер.
Проблемот со владеењето на правото е еден од клучните според Сервер, кој вели дека ако не може правниот систем да ги заштити правата на граѓанинот, тогаш неизбежно е тој да се сврти кон политичка партија.
„Резулатот е политичка борба на сите групи кои се сметаат за жртви. Знаете подобро од мене какви се опасностите. Она што не е толку очигледно е улогата на независното судство. Ако јас сметам дека ќе бидам третиран коректно од судовите, има многу малку за што би се борел. Тие проблеми ги имаме и во САД, нема ништо поважно за иднината на Македонија од тоа судот да ги третира сите исто“, додава Сервер.
Според него, либералната демократија бара регуларна уставна опозиција, која може да ја смени моќта. ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта, но треба да се има превид дека ја има можноста да се врати, смета експертот.
„Дури ако ги направите сите нешта што ги бара ЕУ, дали Атина сè уште ќе биде проблем? Да. Тука имате два начини за понатаму, надолна спирала и поблиску до Русија, нешто што ќе донесе поделби. Другата е спирала која носи кон прифаќање на условите на ЕУ и НАТО. Сега единствениот ефективен начин да се усогласите со ЕУ и САД е да се усогласите со Атина. Знам дека е болно, но само тогаш НАТО и ЕУ ќе станат реалност за вас“, тврди Сервер.
Познавачот на балканските услови и политики на крајот истакна дека дури и кога ќе има промена на името, пријателите на оваа држава, вклучувајќи го и него, ќе продолжат оваа држава да ја викаат Македонија.
Кристијан Ландов