Прашајте било кого што неодамна бил во Скопје ќе ви кажат дека македонскиот главен град е „интересен”. И тоа ќе ви го кажат полека и со потсмев, пишува канадскиот новинар Joel Balsam во текстот за Скопје, објавен на the-newshub.com со наслов „Седум причини зошто Скопје е најчудниот град во светот“.
Сместено на југот на поранешна Југославија, опкружен со Бугарија, Грција, Албанија, Србија и Косово, Скопје го зафати градежна треска во текот на изминатите шест години и стана место за туристите кое „мора да се види“.
Заборавете на Астана, еве зошто Скопје заслужува да ја добие круната за најчуден главен град во светот.
1. Скопје изгледа како мини Лас Вегас
Или Дизниленд на Балканот. Земјотресот го срамни градот во 1963-та година, а владата започна програма од 80 милиони € ($ 87.000.000 долари) во 2009-та година наречена „Скопје 2014“ за да го измени идентитетот на државата. Проектот требаше да биде завршен минатата година, но трошоците нараснаа до 1 милијарда евра и се уште трае. Изградбата е во тек, а градот се претвори во бетонска џунгла на шарена статуи, високи згради и… навистина, премногу статуи.
2. Има повеќе статуи отколку што може да изборите
Во петминутно пешачење околу централниот плоштад во Скопје, можете да видите десетици и десетици статуи на покривите на зградите, на мостовите, на плоштадите и на тротоарите. Идејата е да се претстават многу историски личности кои ја сочинуваат античката, динамична македонска историја, но ефектот од сето тоа е кич.
3. „Воин на коњ“ е еден од најпознатите неверојатни споменици во светот.
Фокусната точка и симболот на Скопје е веројатно едно од најпознатите нешта во светот кои ќе ве остават со подзината уста, но ако ги прашате локалните жители во врска со споменикот, тие почнуваат тивко да мрморат. Висок над 20 метри, споменикот вклучува џиновска статуа на воин, лавови од чија уста тече вода, ноќно светлосно шоу и сето тоа за најмалку 10 милиони € ($ 10.900.000 американски долари) – скапо за изградба на споменик во која било земја, а посебно за една од најсиромашните во Европа.
Но можеби најмногу интересен факт за споменикот е името. Ако побарате објаснување, луѓето ќе ви кажат дека е тоа Александар Велики. Сепак, споменикот официјално е наречен „Воинот на коњ“. Тоа е затоа што Грција не сака Македонија да го користи Александар, како дел од својата историја. Всушност, Грција е толку вознемирена дека Македонија го користи Александар како еден од нејзините историски симболи и има исто име како грчката провинција и се противи да и се дозволи на Македонија влез (технички Поранешна Југословенска Република Македонија) во НАТО и во Европската унија.
4. Статуи се сите облечени, освен една.
Голем дел од обновата на Скопје има елементи од грчката историја, но ако сте биле во Грција ќе забележите голема разлика – античките статуи кои се голи во Грција, во Скопје се сите покриени. Не е сосема јасно зошто, некои велат дека реагирале здруженијата на жени, други дека е поради муслиманското албанско малцинство, но статуите на Афродита, грчката божица на љубовта и митолошкиот титан Прометеј се направени со облека во Скопје. Меѓутоа, ако побарате доволно, ќе ја најдете Олимпија, мајката на Александар Велики, соблечена додека дои.
5. Апсолутно нема никаква логика како владата може да си дозволи да плаќа за сиот овој нов проект
За разлика од главниот град на Казахстан, Астана или азербејџански град Баку, Македонија не може да се потпре на пари од нафта за финансирање на своите огромни градежни проекти. Сепак, на прв поглед изгледа дека македонската економија е во ред. Таа неодамна го исплати заемот од ММФ неколку месеци порано и има една од најдобрите стапки на раст на БДП во регионот. И покрај критиките за „Скопје 2014“, прашајте некој во главниот град и тие ќе ви кажат дека градот има многу повеќе туристи во текот на последните пет години од кога било досега,што се должи на евтините директни летови од Wizz Air. Но сепак, дали огромните трошоци за проектот би можеле да се покријат од даноците на жителите, кои во просек земаат плата помалку од 400 евра месечно?
6. Има интересна политичка ситуација
Во Скопје еруптираа протести оваа пролет, по излегувањето на аудио снимките со тајните снимени разговори на 20.000 луѓе, вклучувајќи ги високите владини функционери, новинари, судии, амбасадори и верски лидери. А потоа Владата доби поддршка од контрапротестанти, кои протестираа против демонстрантите. Збунувачки? Да. Интересно? Дефинитивно.
На лентите има некои сочни скандали и вредни информации, вклучувајќи го и министерот за финансии, кој за политиките на владата во која седи и тој самиот вика дека се „луди“, разговорот на премиерот Никола Груевски за купувањето мерцедес со масажери, како и признавањето на еден владин функционер за прикривање на убиство. Некои од функционерите дадоа оставки и земјата се движи кон избори на 10-годишнината од владеењето на Груевски.
7. И покрај сите скандали, тоа е навистина кул место за посета.
Дефинитивно постојат голем број на статуи, но доста е интересно да се разгледа Скопје. Дури и различни стилови на архитектура се интересни – зошто да има еден архитектонски стил, кога ќе може да има повеќе? Скопје, исто така, има повеќе од пристоен ноќен живот (налетав на Перо Антиќ, првиот играч во НБА на Република Македонија, како се забавуваше во еден клуб кога јас бев таму), добри ќебапи и некои прилично голема хостели.
Значи следниот пат кога ќе поминувате низ Балканот, застанете во Скопје. Во најмала рака, тоа е интересно место.