Денеска ќе се врши обдукција на телото на 47-годишната Д.Ќ., која почина вчера, откако со семејството јаделе пита со праз, по што добиле симптоми на труење и почнале да се гушат, а од Токсикологија велат дека се работи за труење со „метомил“ пестицид, но засега е непознато како отровот завршил во јадењето.
Жената заедно со својот сопруг и свекрва со кој живееле во ист дом во општина Кисела вода, јаделе домашна пита во дворот по што сосед ги видел дека се легнати на земја и притрчал да помогне.
Две лица се борат за живот на клиниката Мајка Тереза. 79- годишната Ц.С е во кома на КАРИЛ, додека нејзиниот син 55-годишниот Ѓ.С се бори за живот на инфективната клиника, потврдија од клиниката за Токсикологија.
Според информациите кој роднини им ги кажале на медиумите питата ја правела бабата со два вида брашно и со праз.
Според некои информации може да се работи за несреќа бидејќи бабата готвела во летна кујна каде во една од теглите чувале пестицид, ланата, кој го користеле за глувци.
Инаку, „метомил“ е инсектицид. Опасен отров по здравјето на луѓето, забранет за продажба во земјава. Познат и како „ Ланата“ ова е отровот за кој се претпоставува дека е виновен и за труењето на многу кучиња низ цела држава. Отровот беше расфрлан низ паркови, дури и близу градинки, а сите животинки умреа во маки – гушење, нервни контракции налик на епилептични напади, пена од устата и смрт за помалку од еден час
Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ велат дека најдлабоко жалат за страотната трагедија што се случи во Скопје,
„ Години наназат сведоци сме на злоупотреба на смртоносни отрови, нивно расфрлање по високо фреквентни јавни површини (паркови, училишни дворови, детски игралишта; околу влезови и ресторани повеќето со безбедносни камери што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот) масовни труења животни со супстанци кои за десетина минути, по само вдишивање и на најлош можен начин убиваат животни кои тежат и повеќе од 40 килограми’, велат од здружението.
Оттаму порачуваат дека барале истраги на терен и меѓуинституционална соработка пред се од МВР, АХВ, општините, проверки по земјоделските аптеки и пазарите, секогаш подржани и од новинарите кои темата ја третирале пред јавноста зошто нѐ засега сите.
“Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единсвена мерка никогаш не била преземена, тук тамо некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пр, а најчесто само игнорирање и молк“, истакнаа од „Анима мунди“.
Станува збор за еден од најјаките отрови, забранет за продажба во земјоделските аптеки. Се употребува за прскање на овошките и доста е ефикасен, но останува можноста за злоупотреби. Еден грам метомил убива човек од 70 килограми, нервен отров кој предизвикува грчеви во мускулатурата, огромно лачење на плунка, оток во белите дробови, пена во устата и на крај доаѓа до депресија на центарот за дишење, кома и смрт.
Истрагата ќе покаже како завршил отровот во домашната пита со праз. Подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.