Интензивно се работи на реконструкцијата и санацијата на познатиот споменик на културата, џамијата „Мустафа Челеби“ во Струга.
Според струшкиот муфтија Салим Сулејмани, активностите се одвиваат со засилено темпо, а веднаш до џамијата ќе биде изградено и новото седиште на струшкото муфтиство.
– Ќе бидат санирани старите делови од објектот, а останатиот дел кој беше срушен ќе биде реконструиран. За сите градежни активности ги обезбедивме потребните дозволи од Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид. Веднаш до овој верски објект ќе никне и новото седиште на струшкото муфтиство, вели Сулејмани.
Проектот за реставрација се споведува со средства од Турската агенција за соработка и координација –ТИКА.
Еден дел од овој исламски верски храм беше опожарен во јули 2012 година. Во мај минатата година, претходното раководство на струшката исламска верска заедница започна со бесправно уривање на објектот, но интервенираше охридскиот Завод и музеј поради што постапката беше прекината.
– Ја прогласивме оваа џамија за споменично добро, но и покрај тоа веројатно тогашното раководство на муфтиството одлучи еден дел од неа да биде урнат со цел да се направи поголем и поубав објект. Тогаш ги презодовме сите активности. Пријавивме во МВР, Државниот градежен инспекторат и Управата за заштита на културното наследство, делумно успеавме да го сочуваме најстариот дел од џамијата, појасни директорката на охридскиот Завод и музеј, Тања Паскали-Бунташеска.
Овој исламски верски храм датира од 16-от и 17-от век и важи за главен верски храм на муслиманските припадници.