Во врска со издржувањето на мерката куќен притвор на обвинетиот Сашо Мијалков, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информира дека во моментот на завршување на главната расправа за предметот „Таргет-Тврдина“, обвинителите кои постапуваа во предметот немале никакви индиции дека обвинетиот подготвува бегство. Но и покрај тоа, како што велат од Обвинителството, по завршување на главната расправа, со цел да се преземат превентивни мерки, го известиле Министерството за внатрешни работи дека главната расправа е завршена.
-Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот. Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12:00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го извести Основниот кривичен суд – Скопје за изготвениот предлог, како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, предметните обвинители во 14:30 часот се упатиле во Основниот кривичен суд – Скопје, каде во 15:00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот и со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му е определeна мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. Решението од страна на обвинителството е примено во 18:45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министeрството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Околу 21:20 часот, како што се посочува во соопштението, Обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.
-Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, Обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија, се наведува во соопштението.
Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен, и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството викендот го донесол Кривичниот суд
Министерството за внатрешни работи соопшти дека распиша национална, а побара согласност и за меѓународна потерница за Мијалков.
-Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков. Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница, информираа од МВР.