Намалени се максималните цени на 336 генерички и 222 оригинаторни (иновативни) лекови. Намалувањето на максималните цени доведува и до намалување на големопродажните и малопродажните цени на лековите кои ќе важат од 1 април.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека се намалуваат цените на 40 до 50 отсто од генеричките и иновативните лекови.
Со ова намалување на цените, посочи, се опфатени сите групи на лекови од позитивната листа.
– Заштедата кај генеричките лекови на годишно ниво изнесува 993.000 евра, додека кај иновативните лекови изнесува 1.388.600 евра или вкупно 2.381.600 евра. За компарација во 2016 година вкупната заштеда кај оригинаторните и генеричките лекови изнесувала 1.126.000 евра, а во 2017 заштедата изнесувала 398.315 евра, рече Филипче и додаде дека станува збор за најголема заштеда досега со која граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови лекови и проширување на позитивната листа на лекови.
Нагласи дека истовремено со намалување на цените на лековите од болничката листа ќе се овозможи зголемување на квалитетот на здравствената заштита.
– Министерството за здравство и во иднина ќе продолжи да ја наградува методологијата за цените на лековите како рационална мерка со цел реално следење на ценовната политика на лековите во интерес на граѓаните, додаде министерот Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека со намалувањето на цените на лековите со оваа огромна заштеда од над два милиони евра ќе се овозможат поевтини лекови, а понатаму со дел од заштедата ќе обезбедат буџет, како што обезбедуваат дополнителни средства, за да се прошири позитивната листа на лекови.