Интензивирање на постапката за набавка на „отпадна маса” како дрва за огрев на домаќинствата од овој планински регион на општина Македонска Каменица, беше главната тема на разговор помеѓу жителите на село Саса и градоначалникот Соња Стаменкова.
Целта на средбата, како што информира Стаменкова, е надминување на постоечките пречки со набавката на огрев за жителите од село Саса.
– Заинтересираните жители ја искористија можноста во директен разговор со директорот на ПШС „Голак” – Делчево, Љупчо Петровски да разменат мислења околу потребите и олеснувањата на постапките, со цел надминување на постоечките пречки и проблеми со кои се среќаваат при обезбедувањето на дрвата за огрев. Меѓудругото жителите ја истакнаа и потребата од забрзување на постапката, заради искористување на поволните временски услови во овој период од годината, рече Стаменкова.
Дополни и дека средбата била искористена за разгледување на можностите за решавање на останатите проблеми со кои секојдневно се среќаваат жителите од оваа рурална средина на Општината, особено во зимскиот период поради отежнатите временски услови во тој период од годината.