Се кратела ли терапија од пациенти, се препишувале ли лекови на починати, каде завршиле скапите лекови – хаос во документацијата на Онкологија

Од:

По отворањето на истражна постапка против пет лица за скандалот „Онкологија“, обвинителството излезе со подетални информации за истрагата.

Сепак во интерес на истрагата се уште не се обелоденуваат сите информации за прашањата кои ја интересираат јавноста. По избивањето на скандалот, јавноста и пациентите очекуваа да дознаат дали се кратела терапија од пациентите, дали се препишувале лекови на починати пациенти, каде завршиле лековите, дали на пазарот во Косово, Албанија и каде завршиле парите?

Според она што досега го објави Обвинителството, намерно е направен хаос во документацијата на Онкологија. Обвинителството вели не се најдени податоци дека се препишувани лекови на починати пациенти, а прегледани се 25 илјади електронски записи и 500 физички записи. ФЗО прави вонреден надзор со словенечки експерти, па не е исклучена можноста за проширување на истрагата. Обвинителството повторно апелира и до сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци

Од она што се знае засега, нема докази за дадено помалку лекови или физиолошки раствор, но биле препишувани скапи биолошки лекови од новите генерации, на ден пред смрт на пациентите, иако се знаело дека нема лек за пациентот, велат од обвинителството.

„Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, бидејќи во овој момент такво нешто не се докажа. Ова значи, народски кажано дека е требувана вишок терапија на име на пациентите. Раздолжувана е терапија повеќе од тоа што треба пациентите да го примат. Биле издавани (препишани) скапи лекови од новите генерации на имуно терапија на ден пред смртта на пациентот – а ова значи дека кога веќе било очигледно дека од апликацијата на таквиот лек дека нема да има бенефит поради статусот на пациентот, тие биле давани. Дали се дадени или не се дадени ние не можеме да тврдиме“, рече обвинителката Ана Гоговска-Јакимоска.

Сепак со попис е утврдено дека не постои запис за состојбата на залихите. Во евиденција постои разлика меѓу месечните издадени рецепти во аптеката и издадените лекови на клиниката. Направен е хаос поради што не може да се утврдат неделните, месечните и годишните залихи.

Од обвинителството велат дека од 2018 до 2022 година, осомничениот Васев не ги фактурирал набавените лекови од биолошката терапија, и тие биле над буџетот на годишно ниво. Препишувани се лекови на пациенти со недоследност во дозирањето. Ова значи дека е требувана вишок терапија на име на пациентите.

Набавувани биле лекови на реверс, пред склучување на договор за јавна набавка во Министерството за здравство и без согласност од Фондот за здравство. Фактурите биле доставени до клиниката без јавна набавка, иако за тоа мора да има согласност од Фондот.

„ Обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист, го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста.„ велат од Обвинителството.

Каде одел вишокот набавувани лекови без тендер, се истражува во моментов. Според добиените податоци од колегите обвинители од Косово преку меѓународна соработка, засега нема докази дека вишокот лекови завршиле на црниот пазар во Косово или на тамошните клиники , а обвинителите се уште чекаат одговор и од колегите од Албанија.

Во однос на прашањето дали ќе се отвори истрага и за веледрогеријата од каде биле набавувани лековите, од обвинителството појаснија дека доколку се докаже незаконитоста на исплатите опфатена со актуелната истрага, народното правобранителство може да си ги побара средствата.

Во текот на предистражната постапка се работело во тим од двајца јавни обвинители, биле преземени многу дејства и била прибавена обемна документација, објасни Ана Гоговска-Јакимоска.

Епилог од пет месечната истрага е отварањето на истражна постапка за пет лица под сомнение дека сториле злоупотреби на Клиниката за онкологија.

Двајцата директори како соизвршители се осомничени за кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а докторите за помагање при извршување на истото кривично дело. Медицинскиот директор е осомничен и за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Казна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според измените на Кривичниот законик е до пет години, додека за „измама во службата“ минимумот е три години, а максимумот 20.

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените директори. Мерките опфаќаат – забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа, а за медицинскиот директор и оддалечување од работното место на Клиниката.

Основното јавно обвинителство Скопје ја продолжува истрагата во предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија.

 

Би можело да ве интересира

ОЈО: Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

На Онкологија биолошка терапија им само за 24% од пациентите, два акцелератора се во функција

Катерина Ѓуровски

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

ОЈО доби ново одделение за сериозен и сложен криминал

Претреси за финансиски криминал на повеќе локации

Предраг Петровиќ