Се интензивира изборната кампања за парламентарните избори на 15 јули

Од:

Изборната кампања продолжува со несмалено темпо. Носителите на кандидатските листи го продолжуваат претставувањето пред граѓаните на мини собири и средби со граѓаните, како и на социјалните мрежи и на електронските медиуми. Изборните штабови веќе презентираа и дел од спотовите подготвени за оваа кампања.

Државната изборна комисија вчера ги усвои и задолжителните препораки за гласањето согласно мерките за заштита од Ковид-19 и тоа за три дена од гласањето, 13 јули – за лицата со Ковид-19 и во самоизолација кои ќе се пријават за гласање, за 14 јули кога во своите домови ќе се изјаснуваат болните, немоќните и хронично болните, како и за денот на гласањето на 15 јули.

Караванот на Коалицијата „Можеме“ денеска ќе ги посети општините Гевгелија (19:00) и Арачиново (20:30). Во текот на вчерашниот ден тие беа во Штип, Куманово и Битола.

-Направивме пресврт на подобро. Покажавме дека знаеме да работиме чесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Направивме многу, но можеме уште повеќе, можеме уште подобро, потенцираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вчерашото претставување на програмата „Можеме“, заедно со носителот на листата за пратеници во ИЕ 3, Љупчо Николовски и Венко Филипче.

Заев истакна дека оваа програма е нивната визија, јасен план за Северна Македонија во наредните четири години.

– СДСМ е посветена на развој на домашната македонска економија, на инвестиции во инфраструктурата, на продолжување на интегративниот процес во ЕУ, на грижа за ранливите категории, на обезбедување здрава животна средина, заштита на здравјето на граѓаните и загарантирана правда за сите. Ова се столбовите на кои е изградена оваа наша програма – чесна, одговорна, достојна за граѓаните. Градиме држава со нова развојна македонска економија заснована на нови технологии, одржливост и човечки капитал, модел што ќе ги штити работните места на граѓаните, ќе гарантира повисоки плати и пензии и подобри работни места, рече Заев.

Тој додаде дека предвидено е просечната плата до крајот на мандатот да порасне до 30, а минималната до 40 отсто. Со тоа до крајот на мандатот да се постигне просечна плата за вработените ширум целата земја од 34.000 денари. СДСМ се обврзува и на над една милијарда евра странски инвестиции за четири години засновани на иновации, на висок степен на финализација на производи и услуги и одржување на бизнисите.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ќе се претстават во Јегуновце (15:30), Брвеница (17:00), Ѓорче Петров (18:30) и Куманово (20:30)

Лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски беше во Новаци, Демир Хисар и Битола.

Тој истакна дека партијата направила програма во која се обврзува на најмалку 25 отсто повисока просечна плата во еден четиригодишен мандат.

-Се обврзавме на најмалку 20 отсто повисоки пензии за пензионерите во еден мандат и враќање на старото законско решение, рече Мицкоски.

Вети, како што кажа, најмалку 640 милиони евра субвенции за земјоделците и загарантиран откуп.

-Во овој проект обнова се обврзавме на најмалку илјада километри реновирани патни правци, локални и регионални. Се обврзавме на најмалку еден универзитет да учат нашите млади да се образуваат кој што ќе биде меѓу првите илјада на Шангајската ранг листа. Се обврзавме на реновирани студентски домови, на најмалку еден студентски град, почитување на колективниот договор во образованието за повисоки плати на професорите и наставниците во основните и средните училишта. Се обврзавме на нов пристап во економијата привлекување на странски и домашни директни инвестиции со висока додадена вредност наместо нивните криминални иновации, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата рече дека се обврзува за шест месеци да спроведе правда во државата.

-Без разлика дали е политичар, определен или неопределен, ВМРО или СДСМ, ДУИ, Алијанса или било кој друг. Ако некој ги погазил законите во државата, за тоа ќе одговара. Правда ќе има од Гевгелија до Тетово, од Дебар до Делчево. Правда ќе има низ целата Македонија, рече Мицкоски.

Најавени се и претставувања на кандидатите за пратеници во други места во шесте изборни единици.

Дел од партиите ќе одржат и прес-конференции, како ГДУ, Алијанса на Албанците и Алтернатива и проф. д-р Јове Кекеновски, носител на листа за пратеници од Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија” во ИЕ 2, со дел од кандидатите за пратеници.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он