Во општина Македонска Каменица започна голема пролетна акција за чистење на одводните канали од атмосферската канализација. Активностите ја спроведуваат екипи на Јавното претпријатие „Камена Река”, чиј директор Влатко Андоновски информираше, дека целта на акцијата е да се овозможи, нормален и функционален тек на атмосферските води.
-Исто така она што е најважно со оваа акција е спречување на излевање на атмосферските води во случај на поројни дождови. Претходно извршивме прочистување на одводните канали, кои се дел од отворената атмосферска мрежа во градското подрачје од општина Македонска Каменица, при што целосно беше прочистен делот од детската градинка „Бамби” до кеј на Каменичка Река, информираше Андоновски.
Додава дека во тек е и еко-акцијата „Пролетно чистење“, во чии рамки ЈП ,,Камена Река” продолжи со уредување на повеќе јавни простори и тревни површини во централното градско подрачје на Македонска Каменица.
Неодамна заврши и уредувањето на зелените површини позади Дом на култура со кое беа расчистени и остатоците од урнатите монтажни времени објекти, со што општина Македонска Каменица доби уреден парк со поставена урбана опрема.