Опозицијата останува на своите јавно прокламирани цели и од нив нема да отстапи. За остварување на овие цели понудивме разумен и остварлив план, за чија реализација како што повторивме неколку пати досега, сме подготвени да постигнеме политички договор.
Ова е ставот на СДСМ по денешното соопштение од ВМРО – ДПМНЕ во однос на барањата од опозицијата.
„Ниту едно соопштение не може да го избрише фактот дека ВМРО ДПМНЕ, со настаните пред и на “црниот понеделник“, свесно ја укина институционалната политичка дебата, го прекрши уставот, законите, деловникот, процедурите и практично ја суспендираше парламентарната демократија. На ваков начин беше недвосмислено потврдено дека Собранието во овој состав не е повеќе место за нормален политички дијалог.
– Преседанот со насилното исфрлување на новинарите и опозициските пратеници од Собранието, неповратно и го одзема легитимитетот на власта. Мандатот добиен од граѓаните никому не дава право за политичко самоволие и диктат со злоупотреба на државните институции. Во ваква ситуација невозможно е да се очекува опозицијата, која беше брутално исфрлена, да се врати во Собранието кое во овој состав нема никаков легитимитет.
– Сметаме дека е штетно за државата оваа политичка криза создадена од власта да се игнорира.
– Би било наивно да се преправаме дека власт која на ваков начин ги злоупотребува институциите може или сака да организира слободни, фер и демократски избори. Во вакви услови невозможно е да се одржат само локални избори, бидејќи тоа би значело легитимирање на однесувањето на власта, а сите оние кои би излегле на тие избори би станале соучесници во укинувањето на демократијата.
– Затоа, за да се избегне понатамошно продлабочување на политичката криза единствено решение е да се врати изгубениот легитимитет на институциите. Тоа не може да се случи само на локални, туку преку слободни и фер предвремени парламентарни избори.
– Уште еднаш сакаме да потенцираме, предвремените парламентарни избори не се само барање на опозицијата туку неопходност наметната од политичката криза, како и единствено можно решение за истата.
– Македонија, како земја која сака да стане член на ЕУ и НАТО, мора да ги промовира и применува вредностите кои се основен постулат на сите развиени демократии. Спротивно е на секоја цивилизациска вредност да се прекршува уставот кој преставува столб за секоја демократија. Затоа, заштитата на демократските вредности мора да преставува прв приоритет за Евроатланските интеграции.
– Опозицијата останува доследна на своите јавно прокламирани цели за враќање на демократијата во земјата, и од нив нема да отстапиме. За остварување на овие цели понудивме разумен и остварлив план, за чија реализација како што повторивме неколку пати досега, сме подготвени да постигнеме политички договор“, се вели во соопштението на СДСМ.