СДСМ обвини дека Владата на Христијан Мицкоски не покажува доволен напредок во процесот на европска интеграција, посочувајќи го како спорно прашањето за приклучување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител.
На прес-конференција, портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека според новиот предлог на Европската комисија, земјите кандидати би можеле да се приклучат кон европските механизми за борба против корупцијата и пред формалното членство во ЕУ.
„Со месеци велиме дека процесот за ЕУ стои во место. Сега е на хартија. Пред членство – прво приклучување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител“, рече Кузеска.
Таа оцени дека ваквиот механизам би значел дека истрагите за корупција и финансиски криминал би се воделе независно од политичката функција или припадност на лицата кои се предмет на истрага.
Од СДСМ посочија и дека во новите предлози за постепено интегрирање во европскиот единствен пазар се издвојуваат неколку земји кандидати, меѓу кои Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, додека Северна Македонија и Србија, според нив, не се опфатени на ист начин.
Кузеска ја обвини Владата дека не обезбедува доволен напредок во реформите, особено во областа на владеењето на правото и правосудството.
„Пораката што сака да ја испрати Мицкоски е дека него, а со тоа и Македонија, не ја интересира ЕУ. Ова е затоа што реформи нема. Напредок нема. Одговорност нема“, рече таа.
СДСМ оцени дека Владата треба да покаже конкретен напредок во реформите поврзани со владеењето на правото и борбата против корупцијата, како дел од процесот на европска интеграција.
Од партијата најавија дека ќе продолжат да ја повикуваат власта на одговорност за политиките поврзани со европските интеграции и реформите во правосудството.
