СДСМ бара Сиљановска да не го потпишува Указот за Законите за полиција и МВР

Од:

Социјалдемократскиот сојуз бара од претседателката на државата да не ги потпишува указите за законите за полиција и за внатрешни работи бидејќи според нив, се укинува професионализмот и полицијата ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи.

– Со новите таканаречени закони, министерот Тошковски добива неограничена моќ и значително проширени дискрециони овластувања. Сега, тој ќе може да предлага директор на БЈБ, од најшироките области на општествени науки – што е невиден преседан кој цели кон целосно хендикепирање на професионализмот во МВР. Сега тој сам ќе може да поставува началници на Сектори за внатрешни работи и командири, без тие да исполнуваат основни критериуми за стаж, без да имаат искуство или претходно постигнати резултати. Се бришат и основните професионални критериуми за раководни позиции, што отвора широк простор за инсталација на партиски кадри без соодветно оперативно искуство, истакна потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.

На денешната прес-конференција одржана пред седницата на Советот за безбедност, Чупеска посочи дека од законите е избришан условот со кој се предвидуваат извесен број на години на искуство и стаж за напредување на највисоките раководни позиции, што практично, како што рече, значи дека началник може да стане кој било, дури и приправник.

Загрижувачки, како што рече Чупеска, се и одредбите кои отвораат простор за масовно следење преку биометриски податоци, како и одредбата со која се отвара простор полициски службеници кои се осудени со правосилна пресуда за кривични дела кои предвидуваат минимум шест месеци затвор да може да бидат вработени на раководни позиции во Министерството.

– Сите овие опасни, недемократски и антиевропски измени не можат да водат кон ништо друго освен кон тотална партизација, зголемена репресија и уривање на човековите права, накратко, водат кон полициска држава. Ова не се закони, ова е легализација на еден манифест на авторитаризам. Таканаречените закони се длабоко комромитирачки, неевропски и поради тоа што предвидуваат укинување на регионалните центри за гранични работи, што е чекор до укинување на граничната полиција. И ова во контекст на соработка со Frontex е високо ризичен потег. Бидејќи, Граничната полиција, мора да има посебен статус и оперативна независност, рече Чупеска.

Од СДСМ најавуваат дека за ова ќе бидат информирани и амбасадите на ЕУ, САД, ОБСЕ и Советот на Европа, како и други релевантни меѓународни институции.

– Ние сме длабоко убедени дека Претседателката има и сила и волја да застане на страната на уставноста, на демократијата и особено на страна на мерит систем за кој знаеме дека неуморно се залага. Сега има неповторлива шанса ова да го покаже и на дело, порача потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска.

Би можело да ве интересира

Сиљановска Давкова: Постојат сомнежи дека дел од пожарите се намерно предизвикани

Горан Наумовски

Шукова: Верувам дека културата не е трошок, туку инвестиција во иднината на еден град

Требаше да биде кандидат на СДСМ, а му се приклучи на тимот на Ѓорѓиевски во трката на Скопје

ВМРО-ДПМНЕ: За ситни политички поени, СДС ја стави Македонија во пламен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, не враќате во времето на Груевски со истите мотиви?

(ВИДЕО) Стојчевски: Лефков е симбол на сѐ погрешно во ВМРО-ДПМНЕ, сее лаги, а молчи за Кочани

Горан Наумовски