Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска потпишаа меморандум за соработка со цел партнерство и заедничка реализација на сообраќајно превентивни активности за едукација, тренинг и обука на учесниците во сообраќајот и подигање на нивната свест за одговорно однесување во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила и прописи.
Како составен дел од овој меморандум, како што соопштуваат од СЦ „Борис Трајковски“, договорните страни се обврзале да преземат мерки и активности за подобрување на безбедноста на ранливите групи учесници во сообраќајот, како што се пешаците и велосипедистите и пред се возачите почетници.
Според потписниците, Меморандумот претставува основа за натамошна успешна соработка во реализацијата на сообраќајно превентивни активности кои треба да дадат сериозен придонес во подобрувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата и намалување на последиците од сообраќајните незгоди, посочиле потписниците.
Тие ги повикаа сите поединци и деловни субјекти да покажат повисоко ниво на лична, корпоративна и општествена одговорност преку свој придонес кон побезбеден сообраќај.
Меморандумот е дел од активностите што во земјава се преземаат за зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, за кој како што се посочува е особено важен мулти-секторскиот пристап кон прашањата и проблемите од областа на сообраќајот на патиштата.