„Во врска со јавниот повик на Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ за сочувување на достоинството на здравствените работници, Самостојниот синдикат на Клинички центри ја информира јавноста дека Синдикатот не делува по партиски препораки, вклучително и препораки на нивни здравствени комисии.
Одлуките и начинот на делување на Самостојниот синдикат на Клинички центри ги носат единствено неговите членови.
Истовремено, Самостојниот синдикат на Клинички центри прашува каде беше оваа Комисија во изминатиот период кога претходната власт и тогашниот Министер за здравство ги воведуваа проектите “плата по учинок“ и електронската контрола на работното време на вработените во јавните здравствени установи преку отпечатоците на нивните прсти. Не слушнавме некој од членовите на оваа Комисија како пратеници во Собранието на Република Македонија да гласаат против предложениот Закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита од 21.11.2015 година со сите понижувачки услови, задолженија и казни содржани во него за докторите и останатите вработени во јавните здравствени установи.
Самостојниот синдикат на Клинички центри ја користи оваа прилика да ги праша Комисиите за здравство на СДСМ и нивните коалициони партнери за нивниот став за предложениот буџет за 2018 година и планираното покачување на платите за докторите и медицинските сестри од 5%.
Или и тие во некое идно време јавно ќе го повикаат Синдикатот за сочувување на достоинството на вработените во јавните здравствени установи.
Понатамошните постапки на Самостојниот синдикат на Клинички центри ќе зависат од резултатите на преговорите со Ресорното Министерство и ќе бидат израз на ставовите на неговите членови“, се вели во соопштението на Самостојниот синдикат на Клинички центри.