Според компаративно истражување, особено со земјите од поранешна Југославија, за да видиме каде сме во трката кон дното, Македонија испадна дека е апсолутен шампион во намалување и деградирање на работничките права и на трудовото законодавство. Ние денеска изгледаме како една апсолутно анти-социјална држава, а во моментот кога го наследивме тоа законодавство, ние бевме дефинирани како социјална држава, вели Артан Садику од левичарското движење „Солидарност“, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Има компаративно истражување, особено со земјите од поранешна Југославија, за да видиме каде сме во трката кон дното. Пред една година имавме конференција на која Македонија испадна дека е апсолутен шампион во намалување и деградирање на работничките права и на трудовото законодавство. По последните месеци во Србија имало големо синдикално и активистичко раздвижување против новиот закон за труд во Србија, а компаративно такви законски одредби во Македонија се донесени пред 10 години. Во Србија денеска се спротивставуваат тоа да не биде усвоено. Во Македонија таквиот продор на тие нео-либерални политики на флексибилизирање на пазарот на трудот никогаш не се соочи со сериозен отпор од страна на организирани форми на работници, односно од синдикатите и токму сите влади имаа слободен простор под влијание на политиките на Светската банка и на ММФ, но исто така и под влијание на внатрешните бизнис групи, цело време да вршат уривање на трудовото законодавство кое го наследивме во 1991, и во однос на која ние денеска изгледаме како една апсолутно анти-социјална држава, а во моментот кога го наследивме тоа законодавство ние бевме дефинирани како социјална држава, вели Артан Садику.