Обвинителството за гонење организиран криминал го врати запленетиот глисер поради осудениот Зоран Милески-Кичеец за случајот „Рекет“, дознава „А1он“. Глисерот кој требаше да послужи како доказ во постапката против Кичеец е во формална-правна сопственост на охриѓанецот Марјан Грунчев. Од Обвинителството за „А1он“ потврдуваат дека глисерот е вратен, но не даваат информации која е поврзаноста меѓу Грунчев и Кичеец, како и, дали го испитувале потеколото на глисерот односно, како и со кои пари е купен. Глисерот во моментот кога беше запленет, беше огласен за продажба и чинеше 50 илјади евра.
„Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведување на сеопфатна постапка околу имотот на обвинетиот за кој покажувате интерес, издаде Наредба за враќање на запленетиот глисер на сопственикот“, велат од Обвинителството за „А1он“.
Русковска освен глисерот, не дозволила да се вратат останатите предмети кои беа одземени при претресот во домот на Кичеец, како и на други локации во Охрид и Дебарца кои имаат поврзаност со него. Меѓу предметите има лаптоп компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови, мемориски картички. Се шпекулираше дека во домот на Кичеец е пронајдено оружје и муниција, но досега, потврда за оваа информација нема.
За вратениот глисер на Кичеец, формално-правниот сопственик Марјан Грунчец при заплената за „А1он“ изјави дека станува збор за грешка. Тој тврдеше дека глисерот е негов, а Кичеец само се возел во него.
Запленетите предмети од домовите и канцелариите на Бојан Јовановски познат како Боки 13 и ексшефицата на СЈО, Катица Јанева и натаму остануваат кај Русковска. Од домот на Јовановски се изнесени брендирана облека, часовници, уметнички дела, компјутери, додека пак, од кај Јанева беше одземен мебел, лична гардероба, чанти, компјутери и телефони.
Tретообвинетиот за случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец е осуден на три затвор откако тој призна вина за случајот и предметот за него беше одвоен од оној против Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева. Тој останува во куќен притвор до правосилноста на пресудата.