Руското воено вмешување ги измеша картите во марионетската војна во Сирија

Од:

БТА – Софија

Првпат по советската инвазија на Авганистан во 1979 година, руски воени единици годинава беа  испратени во воена мисија надвор од територијата на поранешен Советски сојуз. На 30 септември авиони на руските воздухопловни сили започнаа на вршат напади во Сирија како помош на стариот клиент на Москва, Башар ал Асад.

Русија се вклучи активно во борбените дејствија за да гарантира дека ќе го задржи своето влијание и позиции во Сирија, независно дали сирискиот претседател ќе остане на власт, и за да добие поголема тежина на дипломатскиот фронт при уредувањето на иднината на Сирија.

Со почетокот на руското воено вмешување на страната на Асад, граѓанската војна во Сирија доби целосно друг облик, таканаречена „војна преку посредници“ или „марионетска војна“, односно таква во која учесниците не водат директни воени дејствија, туку поддржуваат различни вооружени сили на бојното поле, борејќи се во нивно име и во нивна корист. Во истата војна едниот камп е на коалицијата предводена од САД против Исламска држава, која на терен им помага на курдските милиции Сили за заштита на народот и на Сириската слободна армија. Турција, која е дел од коалицијата но е во судир со курдите, дава поддршка и на исламистичките фракции како Армија на завојувањето, заедно со Саудиска Арабија и Катер. Другиот камп е оној на Русија, која дава поддршка од воздух, и на Иран, кој ги финансира и вооружува шиитските милиции и либанската организација Хезболах, која војува на страната на Асад.

– По четири години, една конвенционална војна можеше досега и да заврши… но изгледа дека сме се уште во фазата на ескалацијата откако надворешни сили го засилуваат своето учество на бојното поле, надевајќи се или на победа на својот камп или на зголемување на своето влијание и евентуално мировни преговори, пишува Гидеон Рахман во Фајненшел тајмс.

Уште по првите руски бомбардирања Западот испрати жестоки критики дека наместо да ја напаѓа Исламска држава, Русија ги насочува нападите против тнр. „умерена“ опозиција на сирискиот режим. Прессекретарот на Кремљ, Дмитриј Песков, инаку побрза да подвлече дека Русија е единствената земја која зема учество во операциите против Исламска држава во Сирија во согласност со меѓународното право затоа што одговорила на молбата на тамошната законска власт. Легитимноста на владата во Дамаск е оспорувана од Западот и од сунитските монархии во Персискиот Залив. Тие го сметаат Асад за директно одговорен за разгорување на конфликтот во кој животите ги загубија 250,000 луѓе и прогонети се скоро 12 милиони Сиријци од нивните домови.

Рускиот претседател Владимир Путин има амбиција да го прошири руското влијание врз поголемиот дел од Блискиот исток, искористувајќи ја американската пасивност таму. Нежелбата на Обама да демонстрира доминирачка позиција на САД во регионот е производ на свежиот спомен за рушењето од власт на Садам Хусеин и окупацијата на Ирак (2003-2011) која не само што не произведе функционална држава, туку создаде и одлични услови да појавата на движењето кое денес се нарекува Исламска држава. Во септември, Ирак потпиша договор за споделување на разузнавачки информации со Русија, што ги разбесни Американците. Неколку дена подоцна беше отворен кординативен центар со учество на регионалните противници на Америка – Иран и Сирија – насред Зелената зона во Багдад, каде се наоѓа и американската амбасада. Потоа Русија истрела ракети од Каспиското Море преку ирачкиот воздушен простор врз противнички цели во Сирија. Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади ја повика Русија да ги прошири своите воздушни кампањи и против цели на Исламска држава во Ирак. „Откако испотрошила стотици милијарди долари и даде илјадници жртви, Америка гледа со вџашеност од можноста Русија да си го врати своето влијание во Ирак, кое го имаше во екот на Студената војна“, пишува списанието Економист.

Неможноста САД и Русија да најдат заеднички јазик за прекин на конфликтот во Сирија и да отворат единствен фронт против Исламска држава, се должи и на друг проблем – нивната конфронтација во Украина. „Бомбардирањата врз сириските бунтовници се нов и крајно неопходен момент кога војната во Украина која со месеци наред беше тема во меѓународната јавност, оди кон фазата на замрзнат конфликт, а еуфоријата од анекзијата на Крим спласнува“, пишува списането Економист. Украинскиот конфликт неминовно ќе им попречи на САД и Русија да најдат заеднички јазик за да се стави крај на драмата во Сирија. Ниту Путин би можел да ги убеди русите од неопходноста да е партнер на Вашингтон кој направи „државен преврат“ и ги поддржа „фашистичките власти“ во Киев, ниту пак Обама може да даде логично објаснување зошто прави сојуз со „хулиганска“ држава која ги тормози своите соседи и презема делови од нивни територии.

Исламска држава покажа дека и покрај сега веќе повеќе од една година воздушни удари против неа, не ја загубила иницијативата и е спосбна да ги удри противниците директно во срце. Терористичките напади во Париз на 13 ноември во концертна сала, по популарни места за вечерни излегувања и до националниот стадион одземаа 130 жртви, а во атентатот против руски авион над Синајскиот Полуостров во Египет, животите ги загубија 224 луѓе. Францускиот претседател Франсоа Оланд во последната седмица во номеври презеде дипломатска офанзива во обид да собере голема коалиција за борба со радикалната организација. За една недела Оланд се сретна со лидерите на водечките светски сили, а неговите напори донесоа успех – се дојде до договор за координирање на француските и руските воздушни удари во Сирија. И Велика Британија и Германија се вклучија во воздушната кампања против Џихадистите. Точно кога играчите во сирискиот конфликт изгледаше дека се на пат на заден план да ги остават сопствените интереси и да ги насочат напорите заеднички против Исламска држава, плановите на Оланд сериозно се пореметија.

На 24 ноември, турски ловец Ф-16 со ракета „воздух-воздух“ урна руски бомбардер Су-24 на сириско-турската граница. Тоа е прв случај од 1952 година наваму (од војната во Кореја) во кој земја членка на НАТО урна руско летало што доведе до силно затегнување на односите меѓу Анкара и Москва. Путин го нарече тоа „удар од зад грб“ извршен од „соучесници на терористите“. Русија ја обвини Турција дека е главниот корисник на нафта кој се добива од територии под контрола на Исламска држава, а семејството на претседателот Реџеп Таип Ердоган се офајдило од незаконската трговија преку која радикалната органзиација финансиски се поддржува. Ердоган рече дека никој нема право да ја клевети Турција за такво нешто и вети дека ќе си даде оставка ако Русија ја докаже веродостојноста на своите тврдења. Турскиот претседател рече дека главниот купувач на нафта од Исламска држава е режимот на Башар Асад, и дека таа трговија се одвива со посредништво на бизнисмени кои имаат врски со Русија.

Иако формално се изјасниле дека се борат против Исламска држава, ликвидарањето на радикалната организација ниту оддалеку не е на прво место на дневниот ред на Русија и Турција. Каменот на сопнување во руско-турските односи можеби биле неколку етнички туркмени против кои рускиот бомбардер, според некои информации, исполнувал мисија пред да биде урнат. Во туркмените Ердоган гледа природен сојузник не само заради етничкото сродство, туку и затоа што војуваат против Башар Асад и се алатка која Анкара во случај на потреба, може да ги искористи против курдските милиции.
Кукларите во марионетската војна во Сирија се вовлечени во неа до степен на страв. Русија се плаши дека ако биде сменет сирискиот режим може да ја загуби својата военоморска база во Тартус – единствената точка на потпора на Црноморската флота во Средоземното Море. „Саудиска Арабија и Катар стравуваат од засилувањето на влијанието на Иран, кој пак се плаши дека ако Башар Асад падне од власт, на негово место ќе дојдат секогаш непријателски настроените сунити“, пишува Гидеон Рахман.

Турција се плаши дека ако Асад остане на власт, ќе треба уште долги години да граничи со држава која е управувана од непријателски режим. Руската интервенција ги осуети плановите на Турција за наметнување на зона на безбедност, на која Анкара многу сметаше за да го симне од грбот товарот од бегалската криза, и да не им дозволи на курдите да создадат држава во северна Сирија. Во натпреварот за регионално влијание на Блискиот исток, борбата против Исламска држава останува во втор план и нејзиното добивање изгледа се поневозможно.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Напад на функционер во Русија, тројца мртви

Катерина Ѓуровски

Захарова: „Имаме докази, вклучени се САД и Велика Британија“

Русинот Ди Каприо сепак мора да оди во војска? Промената на изгледот го чинеше холивудска слава

Предраг Петровиќ

Американец кој се борел како платеник за Украина е осуден на 6 години затвор

Пратениците на Левица остварија средба во Собранието со рускиот амбасадор Баздникин

(ВИДЕО) Блиска средба: Ф-16 испратен да пресретне руски Су-35 на Алјаска