Парламентарниот дијалог меѓу двете земји во последно време е во пораст, меѓутоа ние имаме и други можности кои се неискористени. Албанија и Македонија се две соседни земји, две пријателски земји кои ги има обединето далечната, но и блиската историја, нагласи денеска претседателот на Парламентот на Република Албанија Грамос Ручи, при обраќањето во Собранието на Република Македонија.
Посочи дека Македонија и Албанија имаат многу добрата економска соработка, наведувајќи дека се прават напори за создавање на заеднички инфраструктира, за слободно движење на стоките, луѓето и на капиталот.
– Ние високо ги цениме вашите напори за модернизација на Македонија. За историските одлуки кои ги донесовте, за забрзување на ритамот на демократските и интегративните процеси. Вие докажавте волја и европски дух кон модернизација на Македонија. Последните месеци со ваша совест и согласност донесовте две историски одлуки и закони, законот за употреба на јазиците и законот за промена на уставното име на вашата земја. Тоа се големи одлуки, истакна Ручи.
Посочи дека фактот што неговата посета се случува во значајни моменти за иднината на Македонија, е јасен доказ дека Албанија е еден од поддржувачите на земјата.
– Целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор, преку реализација на законот за употреба на јазиците и донесувањето на уставните иземени за прашањето на името на земјата, и преку конечното гласање ќе го потврди неповретниот пат на македонија кон членство во Европската Унија и НАТО, наведе претседателот на албанското Собрание.
Истакна оти Албанија се изјаснила дека е отворена и безрезервна за членството на Македонија во НАТО.
– Двете наши земји целосно го заслужуваат зачленувањето, не само поради нашиот ангажман и должност, туку и како значаен фактор за мирот во регионот. Ние сме свесни за тешкотиите во кои се наоѓа ЕУ, свесни сме и за евроскептицизмот и за екстремните националистички и расистички тенденции во некои земји-членки на Унијата. Членството на нашите две земји со проевропско население само ќе ја зајакне прогресивната интегративна оска на Европа, потенцираше Ручи.
Наведе дека Албанците и Македонците по корен, по култура, по душа се европски народи, истакнувајќи дека во блиска иднина ќе се приклучат кон европското семејство и формално и правно.
– ЕУ во клима на глобална конкуренција и во функција на стратешките цели треба да ги гледа и цени односите на нашите земји. ЕУ има потреба од нашиот регион, како што и нашите земји имаат потреба од интегрирање во во големото европско семејство, истакна Ручи.
Тој наведе дека патот на двете земји кон Унијата, имал и ќе има потешкотии и бариери, а од одговорноста извира и од делување на внатрешните фактори и феномените на корупција или организиран криминал.
– Интегрирањето на регионот кон ЕУ пред се бара долгорочна внатрешна стабилност на секоја земја, решавање на недоразбирањата преку дијалог, избегнување на можни конфликти, како и прифаќање на новите создадени реалности, наведе претседателот на Собранието на Албанија.
Рече дека Албанија промовира регионална политика врз основа на познатите начела на почитување на сувереноста на соседните земји и на регионот, немешање во внатрешната политика, соработка од заемен интерес во функција на целосно евроинтегрирање, зачувување на мирот и регионалната безбедност.
– Албанија нема ниту една територијална претензија кон ниту една соседна земја. Наспроти гласовите честопати мотивирани од внатрешни цели на кругови или политичи индивидуи, нашата земја нема ниту еден проект на или под маса за создавање на таканаречена „Голема Албанија“, нагласи Ручи.
Заклучи дека Албанците во Македонија со нивната суштинска улога во демократизацијата и напредокот на општеството се носители и директни придонесувачи во развојот на правата и развојот на просперитетот, соживотот и евроатлантската иднина на земјата.