Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) пред престојниот празник 1 мај им препорачува на возачите дополнително да внимаваат и да бидат трпеливи поради зголемната фреквенција на возила, како и особено да внимаваат на ранливите категории учесници во сообраќајот – велосипедисти, мотоциклисти и пешаци и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот.
РСБСП апелира за внимателно управување на возилото, особено низ населените места и за држење на растојание меѓу возилата.
– Неизоставен дел од првомајските прослави е алкохолот. Младост е да се напиете, но лудост е да возите пијани! Треба да се запамети, управувањето моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. И една испиена чашка алкохол влијае на вашите возачки способности, велат од РСБСП.
Препорачуваат возачите да не седнуваат за волан доколку консумираат алкохол и да дозволат некој друг да ги вози или, пак, да користат јавен превоз.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува сите учесници во сообраќајот дека на секое патување, најважно од се е да стигнат здрави и живи до саканата дестинација.