Во врска изјавите дадени од страна на Роза Костоска, директор на градинката „Јасна Ристеска” во Охрид, родителите на децата гневни се јавија со допис до медиумите.
– Во врска со полудневниот престој (кој според неа е злоупотребен од страна на родителите заради ненавремено земање на децата до 12 саатот), тврдиме дека до сега ние, родителите на овие деца не сме добиле никаква информација, ниту писмено, ниту усно дека не им следува оброкот ручек. За истиот тој оброк горенаведената директорка дава изјави дека до сега им го давала гратис на овие дечиња. Не знаеме како да го сфатиме ова, дали како хуманост од нејзина страна или навреда и за нас родителите на кои им го давала гратис, но и за останатите родители на чии деца истиот им бил наплаќан?
Напоменуваме: Градинката „Јасна Ристеска” не е хуманитарна, а ниту социјална установа, а ниту директорката има толкаво овластување самата да одлучи на колкав процент од деца ќе им дава ненаплатен оброк, а на останатиот процент деца ќе им наплаќа. Директорката со тоа ги дискриминира и нееднакво третира децата, а со тоа и нанесува штета на градинката.
Во врска со начинот на плаќање на обврските, родителите потпишуваат договор, но на старите договори плаќањето на обврската е до 15-ти во месецот за претходниот месец, а не за тековниот. За истите тие договори не е потпишан анекс кон договорот како би се усогласила обврската која произлегува за плаќање. Не е наведена стриктно месечната сума која треба да ја платат родителите, како и оброците кои им следуваат (општ договор за сите).
Изминатиов период, дали поради недостиг на нафта за греење или како што вие директорке изјавивте “недостиг на деца” ги имавте затворено голем дел од градинките при што не изложивте на дополнителен трошок за превоз до централната градинка во која не беа обезбедени соодветни услови за да се згрижат сите тие деца. Дали вие директорке сте се запрашале како сите овие настани педагошки и психолошки влијаат на нашите деца?
Дали Вие сте се запрашале за безбедноста на нашите децата во градинките кои при земање од градинка може да ги земе било кој и што се може да се случи за што сме сведоци и сите родители?
Стручната литература која се користи за реализација на активностите на згрижувачко воспитниот кадар исто не става во недоумица. Дали книгата “Дарежливата природа” на која истата е автор актуелната директорка Роза Костоска е дел од оваа стручна литература? Или можеби збирката поезија која пред неколку години беше дел од новогодишните пакетчиња кај децата кои се уште се неписмени (од јасли до предшколска возраст) е одобрена од страна на министерот?
Цитираме „Решение за одобрување и употреба на прирачниците и детските списанија донесува министерот по претходно мислење на Педагошката служба“. Да не навлегуваме како се избрани и останатите стручни материјали за кои ни беше кажано да се набават задолжително и како се даваат пари секој септември на рака на воспитачите без каса прими или друг издаден документ за потребните годишни материјали.
Во врска со климатизирање на скоро сите занимални и некои доопремувања истата го смета како свој успех, иако тоа беше направено со парични средства од страна на родителите. Да не спомнуваме дека секоја хуманитарна активност или работилница не би била успешна доколку ние родителите не сме дел од истите. Тоа не е лично нејзин успех, како што тврди таа дека до сега шајка не била сменета, а откако е таа директор се направило се. Од секогаш родителите кои биле во можност донирале и ќе донираат за нивните деца.
Би Ве замолиле јавно да престанете да манипулирате со децата и да не навредувате нас родителите и времето да го користите за да барате виновници или да се оправдувате преку порталите и медиумите. Очигледно дека проблеми имало и со минатата гарнитура и ќе има во градинките но подобро би било кога вие заедно со родителит ќе се вклучите заеднички да се пристапи кон проблемот се со цел да се намалат проблемите во градинките. И да Ве потсетиме дека вие постоите поради нас, т.е. нашите деца, а не ние поради вас!
Се надеваме дека истиот овој допис нема да биде сфатен во политичка конотација, бидејќи истиот не е со таква цел и намера. Истиот го пишуваме од аспект на родители чии деца се директно инволвирани во овие процеси.
Злоупотребување на истиот значи и злоупотребување на овие невини души, стои во дописот на родителите на децата згрижени во охридската градинка.
Ф.Ј.