Ристовски: Училишните спортски клубови за подобро здравје на учениците

Од:

Зголемена спортска активност на учениците која треба да резултира со подобрување на нивното здравје е целта на законската обврска за регистрација на спортски клубови во училиштата во државата. Во насока и поддршка на кампањата на Владата за здравје и здрав живот, Министерството за образование и наука целосно се вклучува во активностите поврзани со спортувањето на учениците во насока на подобрување на нивното здравје.

Ова денеска го истакна заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски присуствуваа на тренинг на новиот кошарскарски клуб во ООУ „Владо Тасевски“.

– Досега се регистрирани 52 училишни спортски клубови на територија на Република Македонија во различни општини, 80 се во процедура. Верувам дека во следниот период сите општини ќе регистрираат вакви училишни спортски клубови чија крајна цел е зголемена спортска активност на учениците, а со тоа и подобрување на нивната целокупна здравствена состојба. Од оваа година првпат поврзано и со здравиот начин на исхрана беше формирана работна група со министерствата за здравство, за труд и социјална политика и Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје, рече Ристовски и додаде дека изработиле посебен стандардизиран правилник кој веќе еден месец се имплементира.

Во оваа фаза, нагласи, не би можел да ги дадам првичните резултати бидејќи сме во фаза на контрола на имплементацијата на обврските од тој правилник во рамки на кој јасно се дефинирани стандардите кои треба да ги исполнува едно главно јадење или една ужинка за учениците во училиштата.

– Во следниот период дополнително ќе информираме за резултатите од извршените контроли. Целта на тој правилник е да се внесува храна за учениците која ќе ги задоволува потребите за нивниот комплетен здрав развој. Најавувам дека во следниов месец ќе има засилени контроли во однос на квалитетот на храната во училиштата за потоа доколку некаде има непочитување на тие стандарди да се изречат мерки по кои ќе треба да се постапи заради добробит на децата, додаде Ристовски.

Градоначалникот  Јакимовски рече дека ја поздравуваат акцијата на Владата, голем дел од активностите ги имплементирале, а општината повеќе од три и пол години плаќа нутриционист кој се грижи за квалитетот на храната на децата во предучилишна возраст во градинките и во основните училишта.

Посочи дека во исто време водат сметка за активен и здрав живот и за спортување на учениците на територија на општина Карпош со тоа што организираме училишна лига го фудбал, кошарка, одбојка за девојчиња, во пинг понг и во шах. Исто така, како што рече, се организираат и есенски и пролетен дел со цел да се навикнат младите во најмала возраст да спортуваат, да водат здрав живот, да имаат во себе натпреварувачки дух и да бидат научени да ги трпат и поразите и победите кои ги носи со себе спортот.

– Тоа наидува на голема поддршка од учениците на територија на општина Карпош. ООУ „Владо Тасевски“ постигнува извонредни резултати во делот на спортот и во кошарка и во одбојка на државно ниво. Досега биле повеќе пати шампиони. Ќе направиме и во другите училишта да има училишни спортски клубови кои ќе бидат финансирани со средства на локалната самоуправа, додаде Јакимовски.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

​Ѓорѓиевски: Градoначалниците на Карпош и Струмица ги каниме во понеделник на состанок во ЗЕЛС

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот