По реновирањето на 135 соби во Блокот Б од студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде што се сместени 315 студенти, следна фаза од целосната реконструкција на најголемиот студентски дом ќе биде реновирање на блокот А, а потоа и В и Г.
За комплетното реновирање на Блокот Б беа инвестирани 85 милиони денари. Променети се вратите, прозорците, подовите, во собите се заменети тоалетите, ставен е дополнителен мебел – кревети, плакари и биора. Реновирана е и библиотеката на овој студентски дом, која се наоѓа во Блокот Б и е опремена со литература од проектот за превод на стручни книги.
– Одлично завршена работа. За мене лично и за Министерството е од големо значење тоа што студентите се задоволни од условите во кои сега престојуваат. Со ист интензитет продолжуваме и во следната фаза на реконструкциите што ги најавивме претходно, изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој денеска го посети реновираното крило на домот и разговараше со некои од студентите сместени таму.
Соопшти дека за Блокот А е избрана фирма што ќе го изведе комплетното реновирање и дека во наредните денови ќе почнат градежните активности.
– Задоволен сум од динамиката и очекувам дури и со зголемен интензитет вториот блок од домот да биде комплетно реновиран за да може да се сместуваат студенти на следното аплицирање за студентски места. За блоковите В и Г и за мензата се очекува во наредните неколку дена, согласно со рокот, да биде завршен проектот за нивна реконструкција и потоа ќе се оди кон постапка за добивање согласност за да може да се објави реконструкција на тие два останати блока од овој студентски дом, додаде Ристовски.
Информираше и дека е во завршна фаза нацрт-проектот за изградба на студентскиот дом „Невена Георгиева-Дуња“ (Медицинар). Во наредните 30-ина дена очекува до МОН да биде доставен проектот за изградба по што ќе следува јавен повик за избор на фирма-изведувач.
Во изјава за медиумите студентите Александар Захариев од Кочани и Крсте Илиевски од Вевчани рекоа дека, во споредба со претходните, добиле многу подобри услови по реновирањето на блокот.
– Сега условите се драстично подобрени, особено во зима. Во стариот блок беше многу студено зашто прозорците беа дотраени. Имаме нови прозорци, парното е обновено и условите се доста подобри, и за учење и за живот во домот, рече Захариев.
Илиевски ги спореди новите услови со тие во домот „Пелагонија“ каде што бил сместен лани. – За разлика од таму се чувствува разликата – има подобри услови за учење, поголема приватност. Од голема корист ни е читалната, добро е организирана, има за секого место. Најдобро е што има добра топлинска изолација и интернет што е нешто најпотребно за нас студентите, рече Илиевски.
Во однос на двата проекта за млади што ќе се реализираат преку МОН, а кои вчера ги најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски (сушални и перални во студентските домови и читални во Струмица, Аеродром и Велес), Ристовски рече дека Министерството ќе ги поддржува сите проекти кои ќе го подобрат стандардот на младите и студентите.
– МОН ја поздравува оваа иницијатива. Со најавата за групни перални и сушални во студентските домови се постигнува уште еден дополнителен стандард, каков што има во западноевропските земји. МОН ќе ги преземе сите потребни активности за овој проект. Ќе го поддржи и проектот за отворање нови читални бидејќи е во интерес на студентите и воопшто на младите во Македонија, рече Ристовски.