По вчерашните изјави на Тамара Тодевска и Јелена Жугиќ, професорката Каролина Ристова – Астеруд денеска и се обраќа на Жугиќ, објаснувајќи зошто секој родител мора да реагира и да бара одговорност кога ќе почине девојче поради негрижа на власта.
„Плиткоумна, примитивна и безобзирна Јелено Жугиќ, да те информирам и да ти објаснам нешто. Во други земји мајки и татковци на штотуку починато чедо вака како што почина Тамара не само што митингуваат, протестираат и вриштат каде ќе стигнат, туку предизвикуваат да паднат министри и влади. Галванизираат јавност, предизвикуваат законски измени, промени во политики, да не биде смртта на детето без никаква смисла и трага на овој свет, да добие некое поголемо значење, да предизвика спас за други деца или други лица.
Е само така тоа дете ќе почива во мир, жртвата ќе добие некаква благородна димензија, а и ќе даде некаква утеха на родителите! ДА, да, по имињата на упокоените деца како жртви на разно-разни бесовесници и нелуѓе се даваат дури и имиња на закони. Еве, јас знам од прва за два во САД, Amber Alert (Алармот Амбер) и Megan’s Law (Законот на Меган). Тоа се имиња на девојчиња, дури мислам и на возраст како Тамара. Има и законодавство што е поврзано со т.н „Маслото на Лоренцо“, а во Италија законодавството поврзано со донација на органи беше нарекувано и „Подарокот на Николас“. Изгуглај и ќе дознаеш се за тие закони и што направиле нивните родители за да станат реалност, а ако си „уметница“ погледај ги и филмовите, има мислам за секој од нив и филм. Исто, си слушнала ли за Џон Волш и неговата емисија America’s Most Wanted? Детето на тој Џон Волш е убиено пред децении, а човекот, иако веќе во старост, се уште преку својата култна и долгогодишна ТВ-емисија, во соработка со полицијата и граѓанството, помага што побрзо и полесно да се фатат тешки криминалци, им помага на другите да не ја доживеат неговата животна трагедија, меѓу другото, заради системски слабости или преоптовареност во полициската работа. А државата му има дадено и ордени за тоа, иако целата работа ја започна малтене уште од првиот момент кога дозна за смртта на своето синче.
Така да, мајката на Тамара ја има мојата најсилна поддршка дење – ноќе да митингува, до бесвест да вришти, ма и да колне, да оди низ градови и села, додека не ја добие „оставката Тамара“ и „законот на Тамара“. Само така детето може и ќе почива во мир, и само така најголемата болка и најголемиот страв што го има секоја нормална мајка и секој нормален татко можеби, само можеби, ќе станат поподносливи, особено ако видат дека духот на нивната ќеркичка спасува други дечиња во иста или слична ситуација.
А ти, Јелено, после ова, да се скриеш од јавноста и да напуштиш политика, за политика треба да имаш елементарна емотивна интелегенција, па после секоја друга!
Бреее, барем да знаеш да одглумиш сочувство, емпатија! Вака, со се што си изнапишала, за повраќање си, кај си ти за јавните работи и проблеми, кој за тебе глас да даде, со кој памет, да му се врати како бумеранг?! Скраја!“, пишува Ристова – Астеруд.