Рикер случајно влета на средбата Бесими-Санино во Брисел

Од:

Помошникот на заменикот-државен секретар на САД, Филип Рикер, денеска случајно влета во средбата на македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Фатмир Бесими со директорот на Директоратот за проширување на Европската унија, Стефано Санино, што вечерва се одржа во зградата „Шарлемањ“ во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, додека Бесими чекаше да биде примен од Санино, првиот оперативец задолжен за проширување се појави заедно со Рикер, на чудење на македонската делегација.

Јас сум за друга работа тука, но драго ми е што ве гледам министре Бесими. Како е во Македонија? – му се обрати поранешниот амбасадор на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија.

По неколкуминутен разговор во ходникот, Рикер му се заблагодари на Санино што го примил „за друга работа“, а на Бесими и на македонската делегација на чист македонски јазик им посака „се најдобро, довидување“.

Како што е познато, Рикер, кој е задолжен за Западен Балкан во Стејт департментот, постојано е во Брисел поради дијалогот Белград-Приштина што се одвива под капата на Европската унија, но со сесрдна поддршка на САД, а кој вечерва се очекува и успешно да заврши по повеќечасовниот трилатерален состанок Ивица Дачиќ-Кетрин Ештон-Хашим Тачи.

Инаку, Бесими е во тридневна работна посета на европската престолнина каде ќе се сретне со високи преставници на ЕУ поради завршната фаза од подготовката на Специјалниот извештај на Европската комисија за Македонија, што ЕК ќе го објави на 16. април. По средбата Бесими-Санино немаше ниту изјави, ниту соопштение од двете страни.

Би можело да ве интересира

Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа

ЕУ го презема првиот чекор против САД: Клучниот договор со Америка е суспендиран

„Фајненшл тајмс“: ЕУ подготвува одмазда против САД

Европските „осум“ моќни држави ѝ порачаа на Америка: Вашите закани би можеле да доведат до опасна ескалација

ЕУ подготвува санкции против САД поради Гренланд

Европа се подготвува да испрати војници на Гренланд