Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година“ и констатираше низа неправилности.
Во однос на софтверската апликација за самопопишување на лицата-државјани кои се на привремена работа или престој во странство, ревизорите утврдија одредени состојби и тоа:
– во текот на 2019 година извршена е набавка на софтверска апликација за пописот, но не е набавена софтверска апликација за самопопишувањето;
– самопопишувањето отпочна на 01.03.2021 година, а активностите за набавка на апликација отпочнале на 25.02.2021 година;
– на ден 26.02.2021 година упатени се барањата за забрани и можности во однос на апликацијата до фирмата изработувач на апликацијата;
– софтверската апликација е набавена без надоместок, за што Државниот завод за статистика се обврзал да го истакне името на давателот во апликацијата, со што врши негова промоција, односно станува збор за спонзорство, за кое не е побарано од Министерството за правда решение, со кое ќе се потврди јавниот интерес на ова спонзорство;
– фирмата изработувач на апликацијата е управувана од лице кое во периодот од 25.05.2019 до 23.09.2020 година бил член на Советот за статистика, како и
– апликацијата за самопопишување не е евидентирана во деловните книги на Државниот завод за статистика.
Склучени се анекси на договорот за набавка на информатичка опрема- лаптопи, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, со кои се менуваат условите и роковите за реализација на договорот, спроведена е постапка за набавка на услуги за медиумска кампања со преговарање без објавување на оглас, без претходно обезбедување на позитивно мислење од страна на Бирото за јавни набавки, набавени се средства за заштита од КОВИД-19 без спроведување на постапка за јавна набавка.
„Укажуваме на потребата од законско уредување на правото на надоместок на членовите на Советот за статистика, односно на допрецизирање на членот во Законот за државната статистика во насока на дефинирање на намените и висината на финансиските средства кои се предвидуваат и исплаќаат на Советот за статистика“, велат од Државна Ревизија.